Пејачот Ламбе Алабаковски за прв пат јавно се огласи на темата за подметнувањето пожар во културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Тој гостуваше кај Кристијан Станковски во „Бомбакис поткастот“, и изјави дека бил среќен и радосен за направеното.
„Кога ќе имаш такви чувства, собрани повеќе години во себе од љубов спрема татковината и гледаш како се случуваат неправди, тоа беше кулминација на сите чувства, патриотски, кои сите во нас ги имаме, но не ги искажуваме. Не толку експлицитно. Сите ги имаме и ги искажуваме на различни начини. Тоа е тоа, наплив на емоции. Да не ја должам темата. Од денешна перспектива сум многу радосен и среќен од тоа што го направив, бидејќи на крајот од денот, сега после толку време, сето тоа излезе во полза за нашиот народ – дека никој не смее да те провоцира во сопствениот дом и да ти поставува ултиматуми“, рече пејачот Алабаковски.
За подсетување, пејачот ланското лето, поточно во јуни беше уапсен за подметнување пожар во културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Алабаковски за време на истрагата го призна делото, а условната осуда е со утврдена казна затвор во траење од шест месеци, доколку во период од една година не стори ново кривично дело.
По пресудата, на пејачот му се вратени двата пасоша, македонскиот и американскиот.
Целосното гостување на пејачот Алабаковски во „Бомбакис поткастот“ проследете го во продолжение:
Фото: Принтскрин/Јутјуб/Бомбакис Подкаст