Листите со повеќе од 100 изведувачи и околу 500 песни биле испратени од македонските радиостаници, а најслушаните се ставени на финалната листа според оценката на жирито, составено од претставници на национални и локални радија од различни региони од Македонија.
Претставникот на организаторот, КЦ Александар Македонски, проект менаџерот на МАРС 2017, Антонио Димитриевски на денешната прес-конференција во кафе-барот „Гнездо“, рече дека за една деценија МАРС прераснал од фестивал во единствена манифестација која ги валоризира и наградува и авторите и изведувачите на домашната поп-рок естрада.
– По многу нешта останавме, не само единствени во земјава, туку и единствени во регионот. Кога почнувавме ги имаше Хрватски радиски фестивал, Србија и Босна и Херцеговина имаа свои радиски фестивали. Нив повеќе ги нема а, ете, ние опстанавме 10 години, рече Димитриевски.
На МАРС 2017 во МОБ покрај останаите финалисти ќе настапи и бендот „Меморија“ кој ја добива наградата Трајни вредности, а неколку дена потоа, на 18 ноември, ќе одржи и голем солистички концерт во скопската Метрополис арена.