„Лоу-фај поп-хероината Мави Феникс ќе ве магепса“, вака е опишана 22-годишната австриска уметница што ќе го има првиот концерт во рамките на годинашниот „Таксират“, на 10 мај во МКЦ.
22-годишната Мави Феникс која живее во Виена, а потекнува од Линц, Австрија, покажува дека со вистински талент уметникот може да стекне интернационална слава без разлика на тоа од каде доаѓа. Ја почнува својата музичка кариера на само 11 години со пеење, рапување и продукција. Уште од тоа време развива свој уникатен стил, а сега станува сѐ попозната и достигнува огромен успех. Нејзината музика го има привлечено вниманието на неколку светски познати брендови или авторитети во музиката (како i-D, Nylon, Pitchfork, The Line of BestFit, The Fader и COLORS) кои веќе ја имаат повикано да настапува.
Лани Мави Феникс имаше настапи на неколку големи европски фестивали, вклучително и на The Great Escape и Primavera Sound (во Барселона и Порто), а на 10 мај премиерно ја слушаме во живо на „Прво па женско“ во МКЦ, поддржано од „Таксират“.