Првото издание на фестивалот „Аманет“ ќе ја има честа да го отвори еден од омилените диџеи за македонската публика, човекот кај кого забавата е загарантирана – холандската ѕвезда Метју Декеј – порачаа организаторите на новиот фестивал.

„Нашите планови и амбиции се да прерасне во фестивал кој ќе биде препознатлив белег на македонската урбана и прогресивна сцена, градот Охрид и Македонија! Како значаен дел од глобалните светски трендови на целосно музичко доживување се потрудивме да понудиме ексклузивна, квалитетна и фестивалска програма. Сеопфатен настан кој за првпат се случува кај нас“, велат тие.

Програмата ќе се одвива од 26 јули до 3 август на плажата Градиште 2, како и забави на бродот „Галеб“, а затворањето ќе биде со забава на зајдисонце во „Долни Сарај“. Меѓу досега најавените имиња се и украинското дуо „Артбат“ и англискиот диџеј и продуцент Ник Фанчули, а допрва се очекуваат и имињата на домашните ѕвезди што ќе го збогатат ова прво издание на „Аманет“.

Поединечните и блок-влезниците за фестивалот се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“, како и онлајн на kupikartizase.com.