Мегафон

Првата дама на светската техно-сцена, Нина Кравиц на „Грин бич фестивал“

Првата дама на светската техно-сцена, Нина Кравиц на „Грин бич фестивал“

Деветта година по ред, „Грин бич фестивал“ продолжува да се одржува со импозантни хедлајнери од глобалната електронска сцена, кои гостуваат кај нас во врвот од својата кариера и со кои овој настан прерасна во синоним за најквалитетно електронско доживување. Ова лето, „Грин бич фестивал“ ќе се одржи на 27 јули, а публиката на фестивалот ќе има привилегија да го погледне премиерниот настап во Македонија на најпопуларната дама на светската електронска сцена, прогласена и за најдобар ДЈ за 2017 – НИНА КРАВИЦ! Сибирската техно-дива е позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови со музика која многумина не би се осудиле да ја „вртат“, а во изминатата година имаше и завршни сетови на одбрани фестивали за кои потоа зборуваше цела планета. Таа важи за една од најхаризматичните личности на електронската сцена, а нејзините настапи се прочуени по уникатното и интензивно  чувство со кое ја восхитува публиката.

Единствениот музички сензибилитет и музичкото образование со бескомпромисен пристап кон уметноста, како и искрениот однос кон публиката, ја позиционираа Нина Кравиц како хедлајнер на водечките светски фестивали, меѓу кои и „Коачела“, „Амстерфам денс ивент“, „Ауејкенингс“, „Сонар“, „Егзит“, „Тајмворп“, „Мутек“ и многу други. Посебно се издвојуваат нејзините резидент-настапи на престижните журки на Ричи Хотин, „ЕНТЕР“ на Ибица, како и редовните настапи во најголемите европски клубови како што се „Конкрет“ во Париз, „Нитса“ во Барселона, „Фабрик“ во Лондон или „Бергхаин“ во Берлин. Од 2016 година, секој втор четврток во месецот, Нина има и престижна резидентура на „Би-би-си Радио 1“, а популарноста на нејзината издавачка куќа „трип“, предизвика вистинска инвазија на свежи и исклучително квалитетни продуценти на европската сцена во последните две години. Во 2017 година таа се закити и со признанието од страна на еден од водечките светски магазини за електронска музика „Миксмаг“ кој ја постави на самиот врв од листата за најдобри диџеи на годината, во која пак Нина несомнено владееше со своите настапи ширум светот.

To top