Мегафон

Промовирана првата фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“

Промовирана првата фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“

Центарот за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца, ја промовираше првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“ . 

Првата фолк сликовница е реализирана од проектот „Музички фолк сликовници за деца“, што го спроведува „Фолконика“. На онлајн промоција, за проектот и сликовницата зборуваа, Душко Георгиевски, претседател на „Фолконика“ и истакнат естраден уметник и Бајса Арифовска, музички педагог, музички соработник, инструменталист. Сликовницата е уникатна со својот концепт, зошто за прв пат се прави ваква илустрација на македонска народна песна, каква што е „Слушам кај шумат шумите“, која е избор за првиот наслов на фолк сликовницата, направен според анализата на музичкиот соработник, исполнувајќи ги целите, да биде прифатлива и со текст и тема за децата. Целта е да се даде придонес кон зачувување на македонското фолклорно творештво и тоа да им се понуди на децата во една форма, која ќе биде прифатлива за нив. Сликовницата на своите страници го содржи текстот на песната и нотни записи за истата, распоредени според строфите на страниците. За поголемо естетско доживување на песната и содржината, младата академска сликарка Маја Димитрова направи уникатни илустрации, автентични на текстот од строфите, со кои се заокружува целата приказна на песната, за да допре до децата од најмалата возраст. Ликовното и графичко уредување го направи Елена Димитрова. 

Проектот произлезе од заложбите за негувањето на народното музичко творештво, како национално и културно богатство и наш национален идентитет, што треба да се прави уште кај најмладата популација, уште од најмала возраст, со што ќе се запознава со својот идентитет преку музиката, која особено за оваа возраст е најприфатлива и може да остане врежана во меморијата, што ќе биде добра основа за градење на националното чувство и припадноста на македонскиот културен идентитет. Водени од ваквите состојби, сметаме дека треба итно да сториме нешто што ќе започне да влијае на промена на ваквата состојба. Едукацијата е најсоодветниот начин да се влијае на промените, но тоа да биде со добро осмислени, нови и интересни форми, со илустрирани ликови од народните песни, за да допрат до дететода го предизвикаат да ги погледне, анализира со љубопитност, да му предизвика интерес, а не одбивност кон народната песна. Вака претставени темите и ликовите од народните песни, ќе придонесат и кон запознавање на детето со народната носија, убавините на Македонија, етно елементи, фолклорни мотиви, значајни историски ликови, опеани во песните, како наш историски белег. Со тоа, ќе може да се влијае на најмладите на возраст од кога можат да ја сфатат и восприемаат убавата македонска песна, а тоа е од најмлада возраст од само неколку години, до школска возраст, за да   може кај нив да остави неизбришиви траги и да вроди љубов и чувство на национална припадност и љубов кон народната убава песна која содржи вистински родољубиви и уметнички вредности создадени од македонскиот народен творец. 

Сликовницата ќе биде презентирана и дистрибуирана пред детската популација, во предучилишна и училишна возраст, градинките, воспитно- училишните установи, училиштата, специјализираните едукативни центри, библиотеките итн. „Фолконика“ во наредниот период ќе реализира онлајн промоции на  сликовницата и во дијаспората. Проектот продолжува со подготовка на новите музички фолк сликовници.