Мегафон
промоции

Промовирана драмата „Да се означиме” од Христина Ѓоргиевска

Промовирана драмата „Да се означиме” од Христина Ѓоргиевска

Издаваштвото од роднокрајни автори од Крива Паланка од денеска е збогатено со книгата „Да се означиме” од младата авторка Христина Ѓоргиевска.

„Да се означиме“ e современа драма во која преку интересни, хумористични и саркастични секојдневни ситуации Ѓоргиевска го прикажува секојдневието на 21- от век, зависноста од социјалните мрежи и отуѓеноста меѓу луѓето.

Книгата е објавена со поддршка на Националната установа Центар за култура Крива Паланка и Министерството за култура на Северна Македонија, како дел од годишната програма за култура за 2022 година.

Промотори на книгата беа Евгенија Чапрагоска и Ирена Белешковска, а сценска адаптација на дел од текстот изведоа младите талентирани актерки од драмското студио во НУЦК Крива Паланка, Марта Петровска и Лара Стевановска.

-Ако големиот руски класик Лав Толстој во неговото капитално дело „Ана Каренина” пред два века напиша „сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин”…, тогаш несомнено, од перспектива на „граѓанин на модерната ера”- жител на светот во 21 век, би додала дека секое семејство на денешнината има два света во кои егзистира: првиот, оној реалниот, опиплив и световен, каде се присутни неговото тело, лик и дело, кадешто катаден живее и се храни и вториот, оној виртуелен свет, кадешто е распространет на сите страни, со слика, лика и прилика какви што сака да претстави презентирајќи се во сјај, раскош или улога, што самиот ќе одлучи да ја глуми на големата имагинарна сцена со креираните интернет профили на социјалните мрежи. Моделот на едно такво семејство, со презиме Христовски, е профилиран, и тоа сосема умешно, експлицитно и реалистично, токму од авторката на драмата „Ајде да се означиме”, првенче, на младата Христина Ѓоргиевска.

За Христовски авторката ќе рече „исто како и милион други семејства во современо време…зависни од социјалните мрежи. Со една рака го држат телефонот со другата вилушката. Со едното уше слушаат од телевизорот, со другото зборуваат на телефон. Изгубени во виртуалниот свет на високото ниво на технологијата, рече филолог Ирена Белешковска.

Авторката Ѓоргиевска упати благодарност за поддршката од Центарот за култура Крива Паланка и Министерството за култура на Северна Македонија, како и до најзаслужниот за објава на книгата која првично беше замислена да се постави на сцена и беше поставена премиерно во август 2021, е младиот режисер Глигор Цветковски, координатор на драмското студио во НУЦК, кој ја загуби битката со корона вирусот.