Мегафон литература

Промовиран романот „Боксерот од Ново Маало“ на Владимир Плавевски: Вистинска скопска приказна за маалски тепач кој стана успешен боксер

Промовиран романот „Боксерот од Ново Маало“ на Владимир Плавевски: Вистинска скопска приказна за маалски тепач кој стана успешен боксер

Животот и духот на Ново маало во старото Скопје и уникатната приказна за вистинскиот лик со измислено име, Ангел Тотевски или Шуре Катиљ, кој од уличен тепач станува успешен боксер во клубот „Вардар“ и маалска легенда. Ова се двете главни точки во романот „Боксерот од Ново маало“ на авторот Владимир Плавевски, кој вчера беше промовиран онлајн на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Делото е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина − публикации“ и е достапно во книжарниците „Литература.мк“.

Авторот е познат како хроничар на старото Скопје и голем дел од неговите книги гравитираат околу секојдневието во маалото каде што го минал детството, а таков е и случајот со „Боксерот од Ново маало“.

„Израснат сум во Ново маало каде го минав детството и основното образование го завршив во „Браќа Миладиновци“. Во тоа време, соседот ни беше поблизок и од роднината. Живеевме во една социјална маалска заедница. Ние знаевме сè за соседите и тие знаеја сè за нас. Сите маала имаа маалски банди кои ги бранеа од други маала. Тука беа и главните кабадахии, водачи. На пример, ако ме истепале некаде ќе му кажев на Шуре Катиљот и кога ќе ги начекаше тие што ме тепале ќе им возврати со иста мера. Но, Шуре Катиљ од тие тепачки имаше здобиено алексија. Беше високо, силно момче, како Херкул. Повремено ќе го собереше полицијата, ќе поседеше еден месец во затвор и ќе се вратеше. Еднаш беше шест месеци во „Идризово“ каде го советувале да се запише на бокс за да го смири тој свој нагон и следниот пат да не заврши со години во затвор. Тој тоа го сфати сериозно. Кога излезе од затвор дојде кај мене. Заедно отидовме во боксерскиот клуб, тренерот го проба и го прими. Уличните тепачки престанаа и со текот на времето стана дел од тимот на Вардар“ – се присетува Плавевски и воедно „открива“ мал дел од дејството во романот.

Во моментов веќе има подготвено еден роман кој чека да „одлежи“ за да го ревидира, пишува раскази врзани за холокаустот и размислува за ново дело кое би било насочено кон големата поплава во Скопје во 1962 година. Владимир Плавевски е роден на 11 декември 1948 година во Скопје. Автор е на повеќе драмски текстови, сценарија за телевизиски серии, ТВ-филмови и радиодрами. Само во издавачката куќа „Арс Ламина“ има објавено четири дела: „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“, „Вампирџија“, „Туѓо тело“ и „Боксерот од Ново маало“. Во 2013 година ја добива наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“. Од 2000 година е член и на Друштвото на писателите на Македонија.

To top