Збирката поезија „Пребивалишта“ на Даница Ивановска Лепојевиќ, во издание на Зига зага
Букс, ќе биде промовирана во вторник (18 јуни) во кафе барот Brown Sugar, со почеток од 21
часот. За збирката ќе говорат авторките м-р Елена Пренџова и д-р Ана Стојаноска, а стихови ќе
читаат Васил Зафирчев и самата авторка. Ова е втора збирка поезија на Ивановска Лепојевиќ.
Претходната, „Сјај и страв и песни“, објавена во 2016 година, ја доби наградата Антологија на
болката на Рациновите средби.
„…Нејзиниот поетски хронотоп е истовремено толку реален колку што е нереален, толку нереален
колку што е надреален, а замислените сцени во кои авторката влегува во интеракција и
комуникација со нејзините колеги по перо од друго време се филмски и магични. Збирката
Пребивалишта од поетесата Даница Ивановска Лепојевиќ претставува поетско четиво кое се
доживува како мевлем на душа. Стилски и мотивско-тематски е различна од својата генерација
современички и современици и остава печат во современата македонска книжевност.“ – м-р
Елена Пренџова
„…Даница Ивановска Лепојевиќ пишува непосредно, едноставно, филигрански прецизно, со сите
трепети и мирнотии како што само тоа го можат ретките поети, оние што ѝ се дале на поезијата со
целата своја душа и тело и оние на кои, таа, поезијата, најмногу им верува. Таа го почнува своето
внимателно откривање на тајниот, интимен свет, преку метафорите што отвораат паралелно
неколку светови, и овој конкретниот, физичкиот, и оној емотивниот, личниот, но и тој, вселенскиот
што само ретките мирољубници го носат со себе.“ – д-р Ана Стојаноска