Мегафон литература

Промоција на збирката поезија „Аптека“ од Ивана Харикли

Промоција на збирката поезија „Аптека“ од Ивана Харикли

Во сабота, 17 октомври во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи мултимедијална промоција на новата збирка поезија на Ивана Харикли насловена „Аптека“. Книгата е во издание на книгоиздателството Темплум и е најновата во едицијата современа македонска поезија „300 ветрила“.

Како и со првата поетска збирка, Ивана повторно, во свој изворен стил, настапува мултимедијално. Самата збирка е дел од поширок, комплексен проект кој вклучува поезија, музика, видео и перформанс. На настанот, публиката првпат ќе има прилика да биде дел и од перформативниот мултимедијален проект.

#мојмузеј е трансмедијална приказна која почна од потребата за свесно реобмислување и вкоренување на сопствениот глас како Жена од Балкан. Со таа цел, пред речиси три години почнав фокусирано да отпакувам интернализирани вредности, инертни состојби и стереотипни наративи кои ги доживував околу и низ себе. На овој процес му претходеше #mymuseum, а она што следува е првата јавна презентација во физички простор на интерактивната перформативна новела ”Вредностите што си ги носиме” како дел од следствениот #мојmuseum“, вели Харикли.

„Аптека“ е трета публикувана книга и втора поетска збирка на Ивана (Скопје, Sci-fi Македонија, Балкан). Со својата прва поетска збирка „Минден Вернакулар“ настапи како Јујо. Дополнително, нејзината поезија е забележана во неколку антологии, дигитални публикации, книжевни списанија, локални и меѓународни фестивали.

Настанот ќе биде организиран со целосно почитување на протоколите за организирање настани во затворен простор: намален број на посетители, задолжително носење заштитна опрема за време на целиот настан, задолжителна дезинфекција на рацете, строга контрола на просторот и раздалеченоста помеѓу посетителите.

To top