Мегафон

Промоција на „Уште Музика И Муабети“ Од Ненад Георгиевски

Промоција на „Уште Музика И Муабети“ Од Ненад Георгиевски

Книгата „Уште музика и муабети“ на новинарот Ненад Георгиевски во издание на „Полица“ ќе биде промовирана вечерва (понеделник, 10 декември) во клуб ресторанот МКЦ, во Скопје.

Книгата е втора во серијата изданија и е уште една колекција на интервјуа со домашни и со странски музичари, фотографи, режисери и графички дизајнери што се работени во период од 17 години, од 2001, сè до 2018 година, а се објавувани за повеќе медиуми од Македонија, Србија, САД и од Хрватска.

Станува збор за разговори со врвни и познати претставници во своите музички жанрови, односно за уметници што настапувале во Македонија или во регионот: Мариза, Конча Буика, Пет Метини, Џон Скофилд, Бил Фрисел, Ал ди Меола, Енди Самерс („The Police“), Џошуа Редман, Чарлс Лојд, Руичи Сакамото, Зоран Маџиров, Џоле Максимовски („Кабадајас“), Доријан Јовановиќ и многу други.

Во однос на претходната книга, „Музика и муабети“, која се состоеше исклучиво од интервјуа со музичари, во „Уште музика и муабети“, покрај интервјуата со познати музичари, листата на соговорници се шири и тука ќе се најдат и интервјуа на познати фотографи, режисери на документарни филмови и графички дизајнери. Сите нив ги спојува љубовта кон музиката и работата на полето на музиката. Сите овие фотографи се интервјуирани поради соработката со реномирани ѕвезди и поради тоа што, како резултат на таквата соработка, објавиле книги. На пример, фотографите Стивен Шапиро и Брајан Рашиќ на тема за Дејвид Боуви, фотографот Даниел Крејмер за Боб Дилан, Хари Бенсон за „Битлси“. Тука се и интервјуата со дизајнерите Крис Биг (за Дејвид Силвијан) и Стив Аверил (за „U2“).

Воведот е напишан од композиторот Џијан Емин, кој е и еден од соговорниците во книгата. Уредник на книгата е Тони Димков. На промоцијата ќе настапи бендот на Гоце Стевковски.

To top