Во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ вечер ќе се одржи промоција на книгата „Како ја видов Мајката Божја-Богородица“, од авторот м-р Миле Гиновски, во рамките на Меѓународниот фестивал „Богородичен покров“.
Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Јован Таковски, протојереј ставрофор и проф. д-р Цане Мојановски. Книгата претходно беше промовирана на Света Гора. Издавањето го помогна Повардарската епархија.
„Богородичен покров“ ќе се одржува до 25 декември со проекција на филмови во хибридна форма. Се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното, духовното наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови.
Утре на програмата се „Старците и руската литература: Фјодор Достоевски” и „Старците и руската литература: Александар Пушкин” од студио „Неофит” од Русија. Наредниот ден, 24 декември, е резервиран за проекција на документарниот филм „Христијански Симболи” од земјава и е дел од серијата Симболи, резултат на документарно петгодишно истражување во кое се говори за континутетот на историјата на МПЦ –ОА од времето на апостол Павле до денес и за христијaнските симболи. Последната вечер од фестивалот, на 25.декември, ќе се одржи проекција на „Писменост“, од продукција „Топ Ворлд” од земјава, документарен филм од серијата Симболи од архивата на Топ Ворлд. Говори за континуитет на писмото и јазикот во нашата држава од античко време до неговото прогласување за службен јазик на 2 август 1944. година во манастирот Прохор Пчински, на историското заседание на АСНОМ.
Фестивалот е основан 2016 година и досега е поддржан од 12 амбасади во државата, бројни компании, а медиумски и од МИА.
извор:МИА?курир.мк