Песната со која групата „Ај кју“ ќе нè претставува на годинашното издание на „Евровизија“, „Lost And Found“ ќе биде премиерно претставена в недела, 11 март, во вториот Дневник во 19.30 часот, соопштија од МРТ. Како што пишува во соопштението објавено на официјалната веб-страна на МРТ, песната ќе стигне заедно со видео во режија на Јован Куциновски.
Веќе познато е дека автор на музиката и текстот е гитаристот и вокал на групата, Бојан Трајковски, а за аранжманот и продукцијата се погрижи Дарко Димитров, кој ја аранжираше и српската евровизиска песна, па ќе биде дел од тимот на двете земји.
Само за потсетување, Lost And Found беше избрана да ја претставува Македонија на „Евровизија“ во рамките на конкурсот што го распшиша МРТ, а според правилата, врз основа на самата песна беше предложен и изведувачот, во овој случај групата, која најдобро би можела да ја донесе на сцена. „Ај кју“ со „Lost And Found“ ќе се натпреваруваат во првата полуфинална вечер на 8 мај, а како звучи сето тоа ќе дознаеме в недела.