Велосипедот ви овозможува да поминете повеќе време со своето семејство
Работните обврски и училиштето оставаат сѐ помал простор и сѐ помалку слободно време за рекреација и за дружење со семејството. Благодарение на економскиот развиток, работните часови се намалени, но зголeмено е просечното време потребно да се стигне на работа. Проблемот на родителите е што не можат да си дозволат да поминуваат доволно време со своите сакани и тоа доведува до нарушување на односите во семејството. Одлично решение за овој проблем нуди возењето велосипед. Возењето велосипед со децата или со партнерот ќе ја зајакне вашата врска, ќе ви овозможи дружење со најмилите, а најдобриот дел е што тоа нема да ве чини ништо.
Здравствени придобивки за целото семејство
Возењето велосипед е здраво за вас и за вашите најмили. Здравствени придобивки од возење велосипед има многу. Велосипедот може да ви помогне да согорите 600 калории на час, а вашиот метаболизам ќе биде активен дури и неколку часа потоа. Интересно е што кога возите велосипед, не приметувате дека воопшто вежбате. Возењето велосипед ѝм помага на вашите деца да имаат поголема свест за придобивките од фитнесот и здравиот начин на живот и ги спречува да се здебелат. Експертите се согласуваат дека на децата секојдневно ѝм треба по еден час фитнес за да развијат силни и здрави коски и мускули.
Возењето велосипед го намалува стресот
Без разлика колку се трудите да бидете среќни во животот, стресот може да биде огромен проблем, а истото важи и за вашите деца. Всушност, стресот во раната младост може да има доживотни последици, но велосипедот може да биде одлично решение за овој проблем. Ако сте велосипедист, тогаш сигурно знаете колку возењето го намалува стресот и колку релаксира. Споделено со семејството, тоа е win-win за сите.
Возењето велосипед е добро за срцето
Вашето срце има исклучително важна функција, а возењето велосипед го прави посилно. Возењето велосипед може да го продолжи животот ако возите редовно. Дури и ако возите неколку пати неделно, може да го намали вашиот крвен притисок и да ве направи да се чувствувате енергично и расположено.
Велосипедот ќе ги натера вашите деца да излезат надвор
Денес децата поголемиот дел од своето време настојуваат да го поминат без физички активности, затворени дома да играат компјутерски игри и да гледаат телевизија. Една неодамнешна статија покажа дека некои тинејџери се помалку активни и од нивните баби и дедовци. Како алтернатива за нивното некорисно седење дома, во вашите заеднички активности можете да го воведете возењето велосипед како здрава и забавна активност што ќе ѝм даде голема слобода и неограничен простор за игра и забава. Затоа бидете пример и возете заедно со вашите деца. Колку повеќе ве гледаат вас, толку повеќе ќе сакаат и тие да возат велосипед.
Возењето велосипед ви помага да ја запознаете околината
Можете да ја искористите приликата возењето велосипед да го направите едукативно за вашите деца. Освен што ќе се забавуваат, ќе научат како да се движат низ градот и ќе се намали шансата некогаш да се изгубат.
Возењето велосипед ѝм помага на децата да се фокусираат на училиште
Едно неодамнешно испитување од Норвешка открива дека учениците кои имаат физичка активност во природа подобро се концентрираат на училиште. Возењето велосипед може да му даде предност на вашето дете на училиште. Иако ова испитување не може комплетно да ги предвиди резултатите, тие покажуваат дека возењето велосипед ѝм помага и на децата и на возрасните да ги подобрат нивните ментални способности.
Возењето велосипед е добро за планетата
Поради зголемувањето на СО2 емисиите, животната средина станува сѐ позагадена со секој изминат ден. Децата сакаат здрава планета. Тие знаат дека доколку се продолжи по овој пат, чистиот воздух ќе биде луксуз во иднина. Иако велосипедизмот сам по себе не може да ја превенира оваа катастрофа, секако може многу да помогне. Ако замените само 30% од вашите патувања со кола, пократки од 6 километри, со возење велосипед, можете да ги намалите СО2 емисиите од сообраќајот за 4%. Возењето велосипед со вашите деца ѝм покажува дека се грижите за животната средина. Тие ќе го следат вашиот пример.
На крајот, РСБСП потсетува дека велосипедот ќе ѝм донесе 10% попуст на целата сметка на сите оние кои со него ќе дојдат во: Барбакан, Кино Карпош, Винил, Тхирио, Coffee Factory, Брик, Твинс, Casa Bar, Паладиум, Центар Бар, Soul Kitchen, Boulevard и BellaVista. Истовремено апелира до сите учесници безбедно и одговорно да учествуваат во сообраќајот и ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.