Светиот маченик Трифун е роден во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.
Православната црква го слави св. Трифун како поим за младост и доследност кон христијанските традиции. На иконите, тој е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски. Православната црква неговиот ден го чествува на 1 февруари според Јулианскиот календар т.е. на 14 февруари според Грегоријанскиот календар како ден на лозарите и градинарите, а тој се смета и како покровител на меанџиите. Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници.
Во некои краишта на Македонија, како Охрид и Прилеп, овој празник е познат и како Св. Трипун -пијаницата. Во повеќето краишта на Македонија, на денот на св. Трифун рано наутро се одело в црква кадешто попот пеел молитва и светел вода. Луѓето зд оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ, а потоа со неа ги прскале лозјата. Во Тиквеш, рано наутро, лозарите оделе во лозјето, каде закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш.“ Во Ваташа, пак, лозарите се тркалале низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино. Во ова село било обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата, со цел да се забрза заминувањето на зимата.