Замина уште една музичка легенда од регионов… Еден од најголемите музички уметници, Корнелије Бата Ковач. Академски музичар – клавијатурист, композитор, аранжер, продуцент… и пред се голем другар и пријател со сите, особено со оние музички ѕвезди со кои соработуваше. А работеше, твореше и соработуваше со многумина од најголемите: Оливера Катарина, Бисера Велетанлиќ, Неда Украден, Мики Јевремовиќ, Миша Марковиќ, “Генерација 5“, Лепа Брена, Здравко Чолиќ… Беше основач и лидер на една од најголемите рок групи на сите времиња во некогашна Југославија, легендарната „Корни група“ низ која поминаа плејада врни музичари и пејачи… Од Златко Пејаковиќ до Здравко Чолиќ. Зад себе остави дузина големи хитови, познати песни кои се пејат и денес, останаа евергрени за сите времиња и генерации.
Корнелије Ковач беше познат, признат и ценет насекае во регионот, иако само малкумина Македонци имаа среќна можност, чест и задоволство да работат и соработуваат со него. Едноставно не можеше да се дојде на ред, зашто Бата Ковач до последните денови на своите креативни можности, беше буквално презафатен.
Но, тоа не значи дека некогашните и сегашни македонските музички ѕвезди и музички новинарски легенди не го познаваа, ценеа, почитуваа… Напротив, затоа и некои од најпознатите имиња, но и оние кои имаа ретка можност да бидат дел од неговото авторско јато денес, му одаваат последна почит и со последен поздрав се простуваат од големиот уметник и пред се’ човек.
Така, Калиопи Букле на својот Инстаграм се прости од Коренелије Ковач со негова фотографија и зборовите:
„Ми беше чест да Ве познавам, да ја делам сцената со Вас и да растем со Вашата музика низ минатото и сегашноста… RIP ( Почивај во мир)“ – сподели македонската поп дива.
Познатиот македонски музичар, клавијатурист и продуцент, Валентино Скендеровски, член на повеќе познати бендови меѓу кои и „Леб и Сол“ и „Меморија“ со Фејсбук статус се прости од својот познат колега:
„Почина еден од најголемите композитори на овие простори. Вечна слава Бато, нека ти е светол патот кон вечноста“ – напиша Тино на својот ФБ профил.
Легендата на македонското радиоводителство и естрадно-музичко новинарство, единствениот Драган Б. Костиќ споделувајќи заедничка црно-бела фотографија со Бата Ковач од далечната 1973 година сликана во нашата „Универзална сала“, се прости со човекот коој ги напиша некои од најголемите хитови на неговата младост:
„Почина Корнелије Ковач, еден од најзначајните двигатели на југословенската популарна музика во седумдесетите години на минатиот век. Композитор чиј белег како траен маркирен знак ќе го одбележува не само неговото време. Нека почива во мир.
П.С. Мојата маленкост на прва средба, во разговор со Корнелије на 12.10.1973 во Универзална сала“ – сподели Костиќ на својот Фејсбук.
Кирил Колемишевски, некогашнот член од првата постава на групата „Нокаут“, враќајќи ја меморијата назад во времето, се потсети на соработката со Корнелије Ковач на една од песните на бендот на нивниот прв албум:
„Корнелије Ковач ги отсвири клавијатурите на “Телефонскиот број не постои”, го разубави аранжманот на песната која беше во продукција на неговите ќерки, Александра и Кристина, кои ги пеат придружните вокали. Нека почива во мир“ – напиша во својот проштален статус на својот ФБ, Кире.
Македонскиот актер и самиот некогашен музичар, Владимир Јачев, сподели еден од најголемите хитови на Здравко Чолиќ за која музиката ја напиша Корнелије Ковач, на стихови на српскиот поет Јован Јовановиќ – Змај и со неа се прости од големиот композитор, чии песни очигледно оставиле траен белег и во неговиот живот:
Поголем дел од музиката и аранжманите за овој албум на Здравко Чолиќ ги има направено тој…
Иначе албумов го имав во трето одделение… Сите песни ги знам.
Сите се хитови… Пусти, пусти моду, Писаќу јој писма дуга, Једна за другом, Смијем се без смисла… и секако оваа што ја постирам…“ – споделил Јачев.
Малкумина знаат дека сепак единствениот македонски пејач на кого големиот Корнелие Ковач му напиша цел абум е некогаш младиот пејач Никола Конзулов, сега член на групата „Акустико“.
Дискографско првенче на Никола, насловено: „Можеби сепак има нешто“ е подготвувано во студиото „Арета“ на Корнелие Ковач. Содржи 10 песни, од кои 8 со негов авторски потпис, поточно музиката е негова за 8 нумери, а сите аражмани се дело на Корнелие, кој се потпишува и како музички продуцент на албумот, а ги отсвирел и клавијатурите на сите песни.
„Маестро, ти благодарам за сета музика, дела, дружба… Маестрален музичар, композитор, голем човек, народен човек. Светол ти пат!“ -напишал во прошталната порака Конзулов, потенцирајќи го следново во интервјуто за „Нова Македонија:
„Кога ќе одев за Белград задолжително се гледавме и ќе се напиевме по едно пријателско кафе“ – вели тој, додавајќи дека размислува да го реиздаде албумот што го сними со Корнелие Ковач, бидејќи како што вели и самиот негов наслов… „Можеби сепак има нешто“?!
Фото: Принтскрин/ Социјални мрежи и приватна архива