Познатиот ТВ водител, некогашен ДЈ и музичар, Јанко Илковски е сепак најпознат по своето долгогодишно ТВ ток шоу – „Јади бурек“. И нема кој не го знае. Едни го обожаваат, други „очи неќат да му видат“, ама сепак сите го гледаат него во „Јади бурек“ со години. Кој со интерес, кој од интерес, кој од љубопитност да види и слушне кој ќе биде ставен на тапет, кој од страв да не биде спомнат…
Јанко покрај ТВ етерот е мошне активен и на социјалните мрежи каде што секојдневно споделува разни нешта: Од сите можни аномалии во општеството, политката, секојдневниот живот, светски чуда и достигнувања, но и работи од својот приватен живот.
Токму затоа многумина не изненади, ама затоа сите ги шокираше со последната Фејсбук објава од вчеравечер, среда, 13 септември 2023 година, кога Јанко споделил една непријатна информација.
Имено, овојпат водителот се огласи од болничкиот кревет на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, , откривајќи дека доживеал тешка повреда на ногата, каде прстите за среќа, едвај му ги спасиле.
Јанко споделил фотографија од повредената нога, покрај која со кус пост појаснил за што се работи, без да преецизира кога, од што и како дошло до тешката повреда?!
„На клиника сум за пластича хирургија. Имав лоша, многу лоша, повреда, а др. Туџарова ме оперираше и успеа да ми ги спаси прстите. Некое време ќе отсуствувам од програмата. Фала за поддршката“ – споделил Јанко кој доби стотици пораки на поддршка со желби за брзо и успешно закрепнување, кон кои се придружува и редакцијата на Вистина.ком.мк откако се обидовме да стапиме во контакт со водителот, кој не можејќи многу да зборува, само кусо ни го потврди она што е веќе познато:
„Повреда, нога, опериран… Заздравувам… Со Господ…“ – ни возврати Јанко, појаснувајќи дека во моментов му е тешко да говори за деталите за случката. Нека е со помин!
Фото: Фејсбук/Janko Ilkovski