Откако повеќе не постојат или стануваат се$ понедостижни да се видат собрани заедно во нивните оригинални постави, стана пракса легендарните светски бендови, но и оние од некогашните ЈУ простори да добиваат свои „реплики“. Или што би рекол некој: „копии верни на оригиналот“.
Сите насловени како „Tribute“ (почит) кон: Queen, AC-DC, Led Zeppelin, Pink Floyd, ZZ Top… или некогаш „нашите“: ЕКВ, Азра, Забрањено пушење… И уште дузина други легендарни бендови кои се дел од светската и балканската рок историја. Сеќавањето на нив го враќаат освежувајќи ни ги емоциите токму ваквите Tribute бендови кои буквално не само што во тон ја симнале музиката на оние, кои веројатно биле и нивни идоли, туку се трудат и физички што повеќе да личат на оригиналните членови на тие групи. И во изгледот со помош на мејкап, перики, разни маски, и во облекувањето, но секако и во однесувањето на сцената, симнувајќи го секое движење, секој гест, секој изговорен збор на „главните јунаци“ од нивната рок ен рол приказна кои тие ги „глумат“ на сцената.
Вакви „трибјут бендови“ бендови однадвор доаѓале во неколку наврати и во Македонија, најмногу во Скопје (Queen, David Bowie, Pink Floyd, ЕКВ, Азра…), но вистински македонски трибјут бенд на некоја група до сега не сме имале. Многумина пееле и свиреле песни од овој и оној, но никој не направил група која исто ќе свири, пее, изгледа, се облекува и се однесува како некоја од оние, големите, легендарните… Односно би била нивна „верна реплика“. Се’ до сега, или поточно до пред две години, кога идејата да се направи македонска верзија на најголемиот рок ен рол бенд во некогашна Југославија, легендарните „Бијело дугме“, ја преточија во стварност група наши музичари форммирајќи го проектот: „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“!
Заради ковид пандемијата не беа во можност веднаш да го покажат на виделина, но сега по се изгледа доаѓа вистинското време „копчето да се откопча“ и да се покаже сиот музички и визуелен раскош, сета убавина на музиката со која растеа генерации, зашто „Бијело дугме“ несомнено беа и останаа балканските „The Rolling Stones“!
Токму затоа гитаристот Стевче Грозданов (како Горан Бреговиќ), пејачот Зоран Рудан – Цеки ( како Жељко Бебек), басистот Горан Гешовски (како Зоран Реџиќ), тапанарот Сашо Стојановски (како Горан Ипе Ивандиќ), клавијатуристите Борислав Драганов-Боби (како Лаза Ристовски) , Давор Јордановски и Мирослав Милковски ( како Владо Правдиќ), како и придружните вокали Билјана Ѓошева и Боба Танева (како Амила Сулејмановиќ и Зумрета Миџиќ-Зу) станаа дел од македонскиот проект посветен на најголемата група на сите времиња на екс-ЈУ просторите, насловен „Бело копче“ Tribute „Бијело дугме“.
„Бело Копче е составен од врвни музички имиња, музички професионалци од македонската естрада. Поентата на постоењето на оваа трибјут група е свирењето на песните на ‘Бијело Дугме’ во оригинална верзија како што доликува на врвен трибјут бенд.
Групата постои околу 2 години, но поради пандемијата немаше услови за јавен настап, па во тој период се обидовме да направиме 7 спотови со познати песни од ‘Бијело Дугме’: „Кад би био бијело дугме“, „Тако ти је мала моја кад љуби Босанац“, „Да сам пекар“, „Сањао сам ноќас да те немам“, „Лажеш злато, лажеш душо“, „Ружица си била“ и „Ево, заклет ќу се“ – напишаа членовите на својата новоотворена Фејсбук страница, претставувајќи го проекот и биографијата на членовите на трибјут бендот.
„Со гордост го претставувам новиот проект наречен ‘Бело Копче – трибјут Бијело дугме’. Се надевам дека ќе ви фати око. На нашата ФБ страница ќе промовираме седум песни, снимени во живо, од најдобриот бенд на сите времиња на Балканот, ‘Бијело дугме’.
Како прво да ја претставам „Кад би био Бијело дугме“ – напишал еден од основачите на трибјут групата, гитаристот Стевче Грозданов.
Кога и каде ќе можеме да присуствуваме на првиот перформанс во живо на „Бело копче“ Tribute „Бијело дугме“, останува да видиме? Она што може да се стекне како впечаток од најавното видео, звучи примамливо и се гледа дека екипата навистина се потрудила и музички и визуелно да заличат на бендот на Бреговиќ и компанија од нивните почетоци на славата.
Вака изгледа и звучи македонското „Бело копче“ Tribute „Бијело дугме“: