Покрај тоа што е одлична актерка и водителка, во слободно време и писателка, Весна Бејби Петрушевска е и предана и грижлива мајка, вредна домаќинка, но и голем љубител на домашни миленичиња.
Работните и домашните обврски, како и грижата околу децата едвај и дозволуваат да ги „пофаќа сите конци“, па откако ќе успее да ги „сложи сите работи“, вредната Бејби природно и логично е да посака да се одмори.
Арно ама, таман влезе во спалната соба да си легне, кога ја дочека неочекувана ситуација! Трите најверни четвороножни пријателчиња на Бејби, кучињата Буби, Уна и Хана се испружиле на нејзиниот, во случајов нај,нај, најверен четвороножен пријател – креветот!
„Кога ќе ми каже некој кучешки живот… Нема место за мене“ – напиша актерката покрај фотографијата на која така распослани нејзините рунтави домашни миленичиња мирно спијат, па за Бејби, очигледно немаше место… Или поточно, имаше со кого, ама немаше каде… да легне!