Во Кавадарци вечер од 20 часот ќе се одржи целовечерен концерт на „Трио џентлмен”, насловен „Поп-класика со Трио џентлмен“. Го организираат Општина Кавадарци и Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, со поддршка на Министерството за култура.
„Трио џентлмен” е поп-класично трио составено од тројца професионални оперски пејачи: тенорите Дејан Стоев и Јане Дунимаглоски и баритонот Кристијан Антовски.
Од Домот на културата соопштија дека поп-класичното пеење е веќе познат жанр низ светот и дека „Трио џентлмен“ е создадено по примерот на веќе познати светски поп-класични состави, кои подолг период го изведуваат овој музички жанр.
„Ова е прв и единствен состав на нашите простори кој го негува и презентира тој жанр на музика и во нашата држава. На нивниот репертоар се најголеми светски поп-хитови, наполитански канцони, латино-композиции, руски романси, македонски евергрини, балкански поп-композиции и сето тоа изведено во поп-класичен манир“ – појаснуваат од Домот на културата „Иван Мазов-Климе“.