Актуелниот Закон за поддршка на домашната продукција е тешко применлив и не ја исполнува функцијата за која е донесен, беше заклучено на состанок меѓу претставниците на Министерството за култура и Македонската радио-телевизија, кој се одржа во вторникот, на 16 јануари 2018 година. Целта на состанокот беше да се разгледаат опциите за разрешување на состојбата со примената на законот.
Исто така, констатирано е дека Македонската радио-телевизија, по спроведениот надзор и по насоките дадени од страна на Министерството за култура, ќе пристапи кон поништување на одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на вториот и третиот квартал од 2017 година. Преставниците на Министерството за култура и МРТ се договорија во иднина заеднички да ги координираат активностите во насока на поддршка и развој на домашната музичка продукција.