За само неколку дена, на 26 ноември, во главниот град на Грузија ќе се одржи јубилејното, 15. по ред издание на детската „Евровизија“, во чии рамки ќе се натпреваруваат вкупно 16 земји, вклучувајќи ја и Македонија. Како што е познато, нашата претставничка годинава е талентираната Мина Блажев, која ќе се натпреварува со песната „Dancing through life“, а сега имаме можност да видиме како ќе изгледа и звучи сето тоа на сцената во Олимписката палата во Тбилиси, благодарение на снимките од првата генерална проба.
Младата пејачка на сцената ќе биде сосема сама, без придружни вокали и танчери, така што целото внимание ќе биде насочено кон неа, а од тоа што може да се слушне од првата проба, Мина одлично се подготвила да ги одбрани боите на нашата земја. Веќе е познат и официјалниот редослед на настапи за годинашниот фестивал, така што Мина ќе ја видиме под реден број 8.
Исто така, годинава има и мали измени во гласањето, па публиката ќе има можност да започне да гласа уште на 24 ноември, притоа секој може да даде глас за 3, 4 или 5 земји, вклучувајќи ја и својата. Гласањето ќе се одвива на официјалната веб-страница на фестивалот и ќе заврши точно пред почетокот на фестивалот, а во рамките на самата манифестација ќе биде повторно отворено за период од 15 минути. Резултатите од публиката ќе сочинуваат 50 проценти од крајниот резултат, а останатата половина ќе ја одредат стручните жирија од сите земји учеснички. Сето тоа претворено во поени ќе го одреди победникот за годинава.
15. издание на детската „Евровизија“ ќе биде пренесувано во живо на првиот канал на МРТ, в недела, 26 ноември, со почеток од 16.00 часот.