Се ближи 16-ти мај кога на 64-то издание на Евровизија, Тамара Тодевска со песната „Proud“ ќе ја претстави Македонија.
Подготовките се при крај, а деновиве Тамара на својот Инстаграм делумно откри како ќе изгледа на големата сцена.
Истакнатиот македонски дизајнер Александар Ношпал ќе се погрижи за нејзиниот изглед, а од пследниот фитниг може да се види дека Тамара најверојатно ќе носи фустан. Од приложеното може да се види дека моделот ќе биде деколтиран, а според симболот од розово фустанче кое го стави Тамара, веројатно ќе ја видиме во едно моќно, доминантно и женствено издание.
Ношпал неодмна за неговиот ангажман изјави:
– Не одам на Евросонг за да се докажувам или покажувам. Одам единствено заради Тамара со која сум заедно растен и со која сум емотивно врзан. Имаме одлична песна и одличен вокал. Уште е рано да го откривам изгледот на нашата ѕвезда, ама ќе биде едноставна и прочистена во стилот“ вели Александар за „Независен весник“.
За потсетување, Ношпал по четврти пат ќе се погрижи за изгледот на наш претставник на Еворвовизија. Во 2000 година ги стилизираше „XXL“, во 2002 Каролина Гочева, во 2004 – Тоше и годинава Тамара.
Инаку, откако Тодевска промовираше „Proud“, наиде на позитивни коментари од регионот, а песната досега има над 1 милион прегледи. Тамара истакна дека во Тел Авив ќе пее за нејзинта ќерка Хана. Таа исто така ја сними и акустичната верзија на „Proud“ која се најде на нејзиниот „Јутуб“ канал.