Во Венеција денеска почнува 77-то издание на Меѓународниот филмски фестивал – „Мостра“, сепак, во сенка на епидемијата на коронавирус. Програмата е намалена, а мерките за заштита ќе бидат задолжителни.
Вкупно 60 играни филмови и 15 кратки филмови ќе бидат прикажани за време на фестивалот, соопштија организаторите.
Во официјалната трка за главната награда „Златен лав“ годинава ќе се натпреваруваат 18 филма, од кои четири се италијански – „Le sorelle Macaluso“ од Ема Данте, „Padre nostro“ од Клаудио Ноче, „Miss Marx“ од Сузана Никијарели и „Notturno“ од Џанфранко Орси. Уште еден италијански филм – „Lacci“ од Даниеле Лукети, ќе се прикаже вон конкуренцијата за „Златен лав“, а со него и ќе се отвори фестивалот, којшто ќе трае до 12 септември.
Жирито годинава го предводи австралиската глумица Кејт Бланшет. Меѓу членовите се и Французинката Лудивин Сање и режисерите – Германецот Кристијан Пецолд и Романецот Кристи Пују.
Британската актерка Тилда Свинтон и режисерката од Хонг Конг – Ан Хуи ќе го добијат Златниот лав за животно дело.
Иако годинава се откажани бројни културни настани поради коронавирусот, меѓу коишто и Канскиот филмски фестивал, организаторите на Мостра не се одлучија на откажување. Но, со јасни правила – бројот на филмски проекции е ограничен, додека во салите, гледачите ќе мора да одржуваат физичко растојание и да носат маски. Ќе има и термални камери така што никој со телесна температура над 37,5 Целзиусови степени, нема да може да влезе.
Фестивалот во Венеција вообичаено беше прво место каде доаѓаа многу sвезди и филмаџии на патот до доделување на „оскарите“. Вообичаено, Џорџ Клуни, Бред Пит, Скарлет Јохансон и други актери се собираа во „Лидо“ пред камерите, новинарите и нивната публика. Но годинава, фестивалот ќе се одржи во малку изменета форма поради пандемијата на коронавирусот, пишува „Асошијетед Прес“.
Годинава, фотографите и новинарите ќе бидат малубројни, и ќе доаѓаат главно од Европа, а ќе нема публика. И многу врвни актери нема да присуствуваат, со што фестивалот во Венеција ќе наликува на мал собир на европската филмска индустрија.
Италија е една од државите што се најмногу погодени од пандемијата на коронавирусот. Според бројот на смртни случаи се наоѓа на второто место во Европа, зад Велика Британија.
Со постепеното нормализирање на животот во земјата, годинашниот филмски фестивал во Венеција што ќе трае од утре до 12 септември, е показател дека и светот на филмот полека се враќа во „нормална“ состојба, по паузата која почна во март.