Мегафон тажна вест

Почина уште една гитарска рок легенда: Еди ван Хален ја загуби битката со ракот

Почина уште една гитарска рок легенда: Еди ван Хален ја загуби битката со ракот

Легендарниот гитарист Еди ван Хален почина на 65-годишна возраст по долга борба со ракот, објави неговиот син Волф.


„Татко ми, Едвард Лодевик ван Хален, ја изгуби долгата и мачна битка со ракот, утрово. Тој беше најдобриот татко што некогаш можев да го посакам. Секој момент што го споделував со него на и надвор од сцената беше подарок“, објави на „Твитер“ Волф ван Хален, кој и самиот е музичар.

Еди се борел со ракот повеќе од една деценија, објавува ТМЗ. Како што наведуваат, тој минатата година бил неколку пати во болница, а неодамна бил и на хемотерапија.

Но и покрај тоа, тој продолжил да присуствува на концертите и да вежба со неговиот син Волфганг, кој стана басист на Ван Хален во 2006 година.

Еди ван Хален е роден во Холандија и пораснал во Пасадена, Калифорнија.

Уште како дете покажал голема музикалност, а на гитарата и се посветил од 12-та година. Тој важеше за еден од најдобрите рок гитаристи на сите времиња. Ја основал групата „Ван Хален“ со неговиот постар брат, тапанарот Алекс. Во оригиналната постава на групата, на браќата им се придружија пејачот Дејвид Ли Рот и басистот Мајкл Ентони.

Групата издаде 12 студиски албуми и беше еден од предводниците на американскиот хеви метал во 1980-ите, што беше зацементирано со хитот „Скокни“ (Jump), кој се најде и на првото место на американската топ листа во 1984 година.

To top