Светски познатиот џез-пијанист Чик Кориа, кој инаку, е 23-кратен добитник на Греми наградата, почина од редок вид рак откриен неодамна, како што е објавено на неговата официјална Фејсбук страница.
Тој имаше 79 години. Кориа активен во неколку музички жанрови: џез, џез-фузија, авангарден џез, латино џез и прогресивен рок.
Најпознат е по својата работа во текот на 70-тите години на минатиот век во жанрот fusion jazz. Тој е еден од пионерите во овој жанр, како член на групата на Мајлс Дејвис во текот на шеесеттите години на минатиот век, и продолжи да работи во таа насока со сопствениот бенд „ Return to forever“. Од 1980-тите, тој продолжува да истражува различни музички стилови, сам, но и преку соработка со други уметници.
„Сакам да им се заблагодарам на сите што помогнаа да светат огновите на музиката во текот на целиот мој пат“, напиша тој во пораката напишана пред неговата смрт, објави неговиот тим на Фејсбук. „Се надевам дека оние што имаат желба да свиратѕ, да пишуваат, да изведуваат музика ќе можат да го сторат тоа. Ако не за нас самите, тогаш за останатите. Не само затоа што на светот му требаат повеќе уметници, туку и затоа што е позабавно“, напиша тој.
Покрај џез, свиреше и класична музика, а компонираше и музика за концерти за пијано и свиреше со лондонската филхармонија.
Чик Кориа починал во вторникот, на 9 февруари, а тажната вест е објавена вчеравечер.