На 29.01.2021, петок, вовечерните часови тивко си замина уште една македонска музичка легенда Станислав Длака – Станче. Уште еден македонски рокенрол пионер. Херој на некои многу поубави времиња.
Станче е роден на 21.09.1939 година во гратчето Новска во Хрватска. Еден е од оние неколкумина пионери во создавањето и развојот на современата македонска музика. Без нивната храброст да ја прифатат, а потоа и засвират музика која доаѓа од западот, современата македонска култура ќе изгледала сосема поинаку.
Својот прв музички ангажман го има во познатиот вокален квартет АБЦД, за да следејќи го примерот на своите колеги од квартетот Ламбе Смилевски и Боро Пејчинов и тој, на почетокот на 1964 година им се придружи во „електричниот“ состав, бит пионерите „Безимени“.
Во бендот ќе биде до првите денови од 1966 година, кога тој и Ламбе, заедно со Коце Икономов и Стефче Јаневски – Чифчи од групата „Бисери“, ја оформуваат првата македонска рок супер група насловена „Бис-Без“. Со оглед на тоа дека сите четворица биле врвни музичари и сите четворица пееле, сметале дека повеќе нема потреба од дополнителни вокални солисти. Во обата бенда Станче е ритам гитарист и вокал.
Станче ќе биде и оној кој ги прави македонските препеви на познатите странски хитови во репертоарот на бендот.
Со „Бис-Без“ ќе остане до самиот крај, и во сите негови подоцнежни собирања, како и на снимањето на единствената касета. Паралелно со музиката, Станче е директор на фотографија и вработен како камерман во РТС, односно МТВ, од каде и ќе се пензионира, во 1999 година.