Мегафон замина уште една легенда

Почина Марио Липша, музичар, организатор и еден од првите естрадни работници во Македонија

Почина Марио Липша, музичар, организатор и еден од првите естрадни работници во Македонија

Во Скопје на 79-годишна возраст почина Марио Липша, музичар и истакнат естраден работник на повеќе пионерски потфати на македонската сцена. Бреше еден од организаторите на  првите македонски поп-рок фестивали, првиот избор на Мис на Македонија, првиот јавен пречек на Нова Година на градскиот плоштадот во Скопје… Исто така, тој несебично помагаше во сите манифестации кои ги организираше првата естрадна ревија во македонија, ревијата „Екран“.

Марио Липша исто така беше еден од првите рокери во Македонија. Како клвијатурист тој заедно со браќата Зоран и Лаки Панчетовиќ свиреше во групата „Вихори“ а потоа и во култната група „Македонија“ во која како вокални солисти настапуваа: Даниела Панчетовиќ, Сашка Петковска, Верица Ристевска, Кирчо Поп Лазаров и Панче Кочовски.

Марио Липша беше во брак со Сашка Петковска која за жал, на 32- го­диш­на во­зраст трагично загина во кобната сообраќајна несреќа  на патот Куманово – Свети Николе, на 31-ви август 1983-та го­ди­на. Зад се­бе ги оста­ви со­пру­гот Ма­рио Лип­ша и две­те ќер­ки.

Тој долго време беше претседател на „Здружението на естрадните работници на Македонија“ преку кое им организираше настапи речиси на сите македонски музичари и вокални солисти на бившите југословнски простори и посебно во летувалиштата на Јадранскиот брег. Марио Липша беше првиот и еден од најдобрите организатори на модните ревии во не само во Македонија, туку и на модните саеми и манифестации во странство.

Познат по својата чесна работа и извонредни организациони способности,  него сите го бараа за промотор на нивните настапи. Голем број на музичари вечено ќе му бидат благодарни затоа што токму преку „Здружението на естрадните работници“  чиј прв човек беше тој, успеа да им обезбеди и заслужни пензии.

Веста за заминувањето на Марио Липша на својот Фејсбук профил ја обзнани  некогашниот главен уредник на првата естрадна ревија кај нас, „Екран“, пензионираниот естраден новинар и публицист Тимчо Апостолов.

To top