Вчера, четврток 23 септември објавивме дека Панчо и Андреј од ар-ен-би дуото „ДНК“ уште еднаш покажаа дека се многу повеќе од „само забавувачи“ туку пред се’ хумани луѓе, подготвени секогаш кога треба да помогнат.
Така, двајцата естрадни уметници понудија помош во лекување на напуштеното и оставено во лоша здравствена состојба бездомно лице, легнато на афалтот крај жичената ограда, во полубесознание, со очигледно нарушено здравје и животнозагрозувачки функции, оставено само да умира среде центарот на Скопје. Без никој да му пријде, погледне, помогне, пружи соодветна нега и помош… Тажно јадно и бедно, нехумано, нечовечки… Очајна слика на „распадот на системот“ во кој се изгубени сите човечки, етички и морални вредности, во кој човечкиот живот вреди помалку од кучешкиот.
Панчо јавно се огласи на својот Фејсбук профил опишувајќи ја ситуацијата, нудејќи ја својата и помошта на неговиот музички ортак за лекување на нивна сметка на човекот, но и прозивајќи ги власта и институциите на државата кои се толку инертни, што додека реагираат може да биде доцна, зашто лицето е речиси на работ.
За жал, додека „инертните институции“ на „килавиот систем“ реагираат, бездомникот починал, а Панчо со жалење, лутина и гнев во попладневните чесови ја обзнани лошата вест одново преку својот Фејсбук профил на социјалните мрежи.