Војната на белградските улици не завршува. Во последните неколку години, многу луѓе беа убиени во крвави пресметки и се чини како да се вратија бурните 1990-ти, кога некој некого убиваше речиси секој ден. Последната жртва на врелиот белградски асфалт беше синот на Зоран Ускоковиќ Сколе, кој беше убиен пред три дена, а имаше 22 години и исто име како неговиот татко. Во улицата Борска на Канарево брдо, убиецот чекал Ускоковиќ да го паркира своето „Ауди“ и да се упати кон зградата. Тој му тргнал во пресрет и во моментот кога се разминале тој се свртел и го застрелал одзади во главата. Две чаури биле пронајдени на местото на ликвидација.
Убиениот Зоран Ускоковиќ нема кривично досие, а неговата мајка и очув живеат во близина на местото на убиството, па се претпоставува дека тој тргнал кај нив. Во медиумите има многу шпекулации за мотивот за ова брутално убиство. Освен приказните за причината поради која младиот Ускоковиќ наводно влегол во криминалното милје, весниците пишуваат дека „гревовите од минатото“ се причина за погубувањето.
Воскресна приказната што кружеше во Белград по оној 15-ти јануари, кога беше убиен Жељко Ражнатовиќ – Аркан. Во тоа време се шушкаше дека крвавиот чин во хотелот Интерконтинентал е организиран токму од Сколе – постариот. Оттука, некои медиуми пишуваат дека убиството на неговиот 22-годишен син, што е несомнено дело на професионалец, е продолжение на конфронтацијата со постариот Ускоковиќ, односно, дека тоа може да е чин на крвна одмазда.
По написите веднаш се огласи и вдовицата на Аркан, балканската фолк дива Светлана Цеца Ражнатовиќ. Пејачката во приказните на својот Инстаграм само кусо напиша:
„Срам да ви е! Она што го правите е монструозно“! – јасно го кажа својот став Цеца. Остана дилемата дали навистина искрено го мисли тоа или од страв за можен атак кон членови на нејзиното семејство!?