По повеќе од една година исполнета со неизвесност, исчекување, стравови, терапии… најдобрата и на многумина омилената ТВ водителка излезе како победнички и може да каже дека е здрава. Во битката со канцерот, победникот е Лила Филиповска.
Откако за првпат јавно и отворено проговори за нејзината најголема животна битка со опаката болест, Лила доби грст пораки на поддршка, што вербални, што писмени, во кои и оние што лично ја познаваат и оние што ја знаат само од телевизија и изразија тони љубов и желби за добро здравје.
По сите овие убави и топли зборови, желби и посакувања никогаш повеќе болеста да не и се врати и да биде здрава довека, Лила Филиповска не можејќи поединечно на сите да им се зблагодари што е разбирливо, реши да се огласи на својот Инстаграм и да сподели зборови на благодарност исткаени во една мотивирачка порака. Благодарност до сите што ја поддржаа и и посакаа добро здравје и до оние кои веќе минале или се уште минуваат низ истата „здравствена голгота“ како таа самата.
„Еве баш вака сум насмеана заради илјадниците пораки што ги добив од вас драги пријатели, тони љубов и желби за добро здравје. А што друго ни треба? Ако немаш здравје немаш ништо !!! Ама кога го имаме често забораваме да го цениме. Секој има своја борба, и никогаш не знаеш кој со каков проблем се соочува… затоа секогаш биди љубезен барем тоа е бесплатно Жалам што не можам на сите да ви вратам на прекрасните пораки но еве на овој начин сакам да ви се заблагодарам искрено и од срце за одвоеното време и убавите желби . Во наредниов период подетално ќе зборувам за мојот пат се со цел да помогнам некому што можеби го поминува истото ….затоа што во вакви моменти поддршката е најважна и ве молам секогаш кога можете давајте ја, затоа што тоа е главната сила во битката со секое зло па и со ова.Ве сака ваша Лила“ – сподели водителката.
„Знаете, кога ја слушнав дијагнозата, бев во тотален шок! Можеби и ќе вриснев, но останав без глас. Првата помисла ми беше: Дали е ова мојот крај? Уште колку имам? Потоа се сетив колку многу жени има што ги познавам и кои излегле како победници. Ми поминуваа разни мисли, но, за среќа, тоа траеше кратко. Само зедов здив и ја прашав мојата пријателка, доктор Вики: Што прво треба да се направи? Од каде да почнам? Се фокусирав на патот што ме очекуваше и се трудев да размислувам позитивно.
„Сфатив колку се важни вистинските пријателите, кои ги сакам како семејство, кои беа постојано покрај мене и на кои сум им бескрајно благодарна! Не знаев колкава сила има во мене сè досега“ – зборуваше за прв пат јавно Лила во своето интервју за магазинот „Убавина и здравје“.
Фото: Инстаграм принтскрин/lilafilipovska