Во одбележувањето на големиот јубилеј на фестивалот „Таксират“, кој годинава го прославува своето 20. издание, нѐ очекува и новото издание на ПИН музичката конференција! Првата и единствена кај нас меѓународна музичка конференција и шоукејс-фестивал годинава ќе се одржи по петти пат, од 29 ноември до 1 декември, а токму со овој настан во Младинскиот Културен Центар во Скопје официјално ќе биде отворена програмата за славеничките „Денови на Таксират #20“!
ПИН, како еден од најзначајните проекти во кој „Таксират“ и „Пасворд продакшн“ го вложуваат сиот свој капацитет, меѓународните искуства и успеси, е настан кој во државава ги собира сите најрелевантни имиња од европската музичка индустрија во тридневна програма на која се презентираат и дискутираат актуелните теми од музичкиот бизнис, а која во концертната програма ги претставува новите таленти и најпотенцијални музички изведувачи од различни земји.