„Баскерфест 2018“ ќе се одржи од 12-17 јуни на плоштадот „Македонија“ во Скопје, но традиционално и во другите градови, посетителите ќе имаат можност да уживаат во караванот кој носи среќа. Фестивалот на улични изведувачи оваа година ќе понуди многу забава за сите возрасти. Сите посетители, па и случајни минувачи, освен во врвните баскер-мајстории на жонглери, акробати, циркузи и кловнови, ќе може да уживаат и во многу нови, забавни содржини.
Најмалите секојдневно ќе можат да се дружат и едуцираат во детската едукативна работилница, каде што ги очекуваат многу изненадувања. Тука ќе биде и катчето за животни, односно катче за миленици, каде што преку забава ќе се едуцираат за милениците заедно со Марко Новевски, а ќе се собираат донации и за бездомни животни.
На плоштадот „Македонија“ ќе има и базар на ракотворци, а за првпат е организиран и „Аrt’s-n-Craft’s“ за луѓето кои имаат креативност и знаат како од обични предмети да креираат уметност. На првото издание на „Art’s-n-Craft’s“, задачата на пријавените креативци е на метални буриња за пиво да ја изразат својата визија и креираат уметност. Настанот ќе има натпреварувачки карактер со награди за најдобрите, а рокот за пријавување е 10 јуни.
Ќе бидат поставени и интерактивни инсталации кои ќе ги анимираат сите посетители. Како главна атракција е „Тунелот на стравот“, каде што со воз на шини ќе се минува низ неколку страшни конструкции опремени со соодветно осветлување, реквизити и звучни ефекти. Ќе има и ѕид со гуми за качување, фото-бут (photo booth), кафез со балони, арт-маса и уште многу интересни инсталации во кои публиката ќе може интерактивно да се вклучи.
За љубителите на спортот, пак, ќе биде поставено спортско катче, со игри од натпреварувачки карактер, како и катче каде што ќе може да ги научите стрелачките вештини.
Во склоп на „Баскерфест“, покрај атрактивната баскер-програма на улични изведувачи, ќе има и музички сцени со одлични бендови од сите страни на светот.