Радио Милева актерот против адвокатот

Перо vs Петре: Перо – „Камиказа“ размислува да се кандидира за скопски градоначалник, а Шилегов уште сега му ги „краде“ идеите? (ФОТО)

Перо vs Петре: Перо – „Камиказа“ размислува да се кандидира за скопски градоначалник, а Шилегов уште сега му ги „краде“ идеите? (ФОТО)

Чудна професија е тоа политиката… Или подобро речено, бизнис. Порано се велеше: „Нема бизнис како шоубизнис“, ама денес откако  со коронапандемијата шоубизнисот го прогласија речиси за „умрено“, политиката царува… Впрочем, царувала отсекогаш, особено кај нас, каде од прв ден е бизнис број еден, што се гледа кај голем број политичири, кој во неа влегоа како „голтари“, а од неа излегоа како милионери!

Дали можеби некои од наведените причини или познавајќи го, од чист каприц и инает што горенаведеното е токму така, па сака да покаже дека може и поинаку, една позната скопска фаца или поточно, познат македонски лик кој шоубизнисот го има во малиот џеб, а јавноста многу повеќе го знае токму од полето на културата и уметноста, актерот и музичар, Петар Георгиевски – „Камиказа“ најави дека размислува да влезе во политиката.

Не дека и пред него немало такви обиди: Велибор Џаровски – Џаро, Игор Џамбазов, Јове Кекеновски, покојниот фолкер Војо Стојаноски, трагично загинатиот рокер Горан Николовски кој беше градоначалник на град Скопје… Позиција која ја пикира и на која токму познатиот лидер на групата „Меморија“ и сопственик на ивент фирмата  „КЛС“ – Перо – „Камиказа“, размислува да се кандидира на престојните локални избори.

Деновиве низ скопските кулоари, чаршијата, а и по социјалните мрежи тргна интересна приказна… Дека „Камиказа“ кој ионака е „долг на јазик“ кажувајќи им ја на некои луѓе својата размисла за градоначалничка кандиидатура и идеите кои ги има да ги вментне како проекти во својата програма, преку ноќ стигнале на маса во кабинетот на Петре Шилегов. На актуелниот скопски градоначалник кој има намера да бара и втор мандат од граѓаните му се виделе интересни, па Шилегов уште сега „си се послужил и присвоил“ со некои од наводните идеи на Перо – „Камиказа“.

Така, Петар Георгиевски кој меѓудругото последниве години е и успешен маратонец трчајќи ги некои од најпознатите светски маратони во големите градови ширум Европа и светот, предлагал дека би било добра идеја рекреативната стаза покрај кејот на Вардар да се спои по целата нејзина должина без прекини, па македонската престолнина од крај до крај од влез на Скопје до самиот излез, да биде поврзана. И за рекреативно трчање и пешачење, натпревари, велосипедисти, ролање… И види чудо, не минало долго време , а граданочалникот Шилегов тргнал идејата да ја реализира!

Наводно, истото важело и за идејата за најавениот трамвај на гуми, трамвај кој наместо по шини се движи по белите линии на патот, кои контролираат стотина сензори. Трамвајот користи гуми и возењето е како со автобус. Долг е 32 метри и висок 3.4 метри. Може да прими 307 патници и се движи со 70 километри на час. Литијум-титаниумските батерии овозможуваат возење долго 25 километри по само 10 минути полнење. Ем ефикасно и брзо, ем чисто и еколошки…

А идејата на Перо – „Камиказа“ била неговата линија да води токму покрај стазата по кејот на Вардар, каде би се движел без пречки и не би го забавувал движењето на другите возила во сообраќајот, а би го поврзувал градот од еден до друг крај!

Дури и идејата со таканареченото помагање на музичарите со купување на нивни изданија која Шилегов заедно со Радмила Шеќеринска деновиве ја промовираше, Петар Георгиевски – „Камиказа“ тврди дека е инспирирана од него и и неговата објава на социјалните мрежи за изданијата на македонски музички и естрадни уметници и групи кои Музичко-касетната продукција ги издаде во времето на неговото работење на една од раководните функции таму. А сепак не се работи за мала бројка, зашто во прашање се стотина изданија во вид на носачи на звук и слика.

 

Очекувајќи и последното концертно видеоиздание на „Меморија“ од концертот во „Метрополис арена“ да го вклучат,  како што „Камиказа“ вели,  во „нивната поддршка“, тој ги прозва Шеќеринска и особено Шилегов во својот Фејсбук статус!

Дали Петар Георгиевски – „Камиказа“ навистина ќе се реши за градоначалничка кандидатура на Скопје на престојните локални избори, која партија ќе стои зад него или ќе оди како независен „соло“ играч, или ова е само уште една  „Донкихотовска борба со ветерници“- те на власта на „вечниот опозиционер“ во стилот: “Сам против сите“, ќе видиме наскоро. Зависи од тоа дали актерот и рокер има навистина серизони намери да вплови во политиката или… „маратонецот (само вербално) го трча почесниот (предизборен) круг“?

„Камиказа“ ако е во нешто вешт, тоа е умешното менаџирање на „кревање прашина“, а Петре Шилегов засега молчи. И за наводно „присвоените туѓи идеи“ и за сопствените проекти кои одат во пакет со новата градиначалничка кандидатурата.

Адвокатот против актерот, политичарот контра рокерот… Се случи ли тоа, ако не друго, ќе биде барем … „весело“!

Фото: Фејсбук принтскрин/Petar Georgievski – Kamikaza/Петре Шилегов

 

To top