Во тек се последните подготовки за овогодишниот „Фестивал на дувачки оркестри” кој по пауза од две години, на средината на месецов ќе се одржи на плоштадот во Пехчево.
Општина Пехчево, која е организатор на настанот, денеска ја објави агендата за фестивалот кој ќе започне со традиционалниот Етно саем „Пехчевски Павловден”.
“Саемот ќе биде отворен на 13 јули, а во рамки на тридневната програмата на фестивалот ќе следуваат настапи на културно-уметнички друштва и вокално-инструментални состави од повеќе градови на Источна Македонија. Вечерта е резервирана за трубачките оркестри од Пехчево, Берово и околните градови”, информираа од Општина Пехчево.
Меѓу познатите состави кои ќе одржат свои концерти од 13 до 17 јули се познатите оркестри „Уска – Кан“ Берово и Brass Brothers.
“Свои концерти ќе имаат и македонскиот состав ДНК и солистот Јоце Панов. Доцните вечерни часови ќе бидат резервирани за настап на познати диџеи, а во рамки на настанот ќе се одржи и Детскиот фестивал „Поточиња”, додадоа од Општината.
Годинешното фестивалско одбележување на празникот на градот Павловден ќе заврши со спортски активности и трката на 10 километри од Берово до Пехчево.