15-то издание на еден од најпознатите отворени настани во Скопје – Бела Ноќ 2019 е најавена за 5-ти октомври. Од МКЦ – Скопје го најавија и првиот артист за оваа вечер – „Pаranoid London“.
Британското acid techno дуо за прв пат ќе може да се слушне во главниот град во Младинскиот културен центар. Составено е од Жерардо Делгадо (Gerardo Delgado) и Квин Вајли (Quinn Whalley) кои на своите сетови користат винтиџ сајзери и надворешна опрема со цел да го постигнат автентичниот Paranoid London звук.
За загревање на публиката ќе се погрижат диџеи од домашната музичка сцена како Барум Барум, Мирко Попов, Нино Наумов и Виолета Качакова. Настанот започнува во 23 часот и е во организација на МКЦ Скопје и PopUp Music, а ќе биде дел од пошироката програма на Бела Ноќ 2019 која ќе биде објавена наскоро.
Годинешната Бела Ноќ е во организација на Град Скопје и ЈУ „Универзална Сала – Скопје” и таа ќе опфати голем број артисти од различни области. На неа ќе бидат прикажани разни визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталации, видеоарт, стрип…) како и применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации), музика, филм и јавна уметност и друг тип на урбани изведби и перформанси.