Коронавирусот од зараза стана пандемија од светски размери. Светот се бори со неа, барајќи начини како да се справи. Вакцината против „Ковид 19“ е се’ уште само „мисловна именка“, а додека бројот на заболени расте, се’ повеќе од нив завршуваат фатално.
Логичнио, заразата и паниката одат рака под рака, па маркетите и аптеките експресно се празнат, медиумите 24/7 известуваат со најразлични вести, социјалните мрежи оддамна се зовриени. Секој со свое мислење и размислување, рецепти и „100% ефикасни лекови“, упатства за превентива, пофалби и критики, пораки и препораки… И до населението и до оние кои се одговорни за заштитата на неговото здравје.
Македонската влада и нејзиниот министер за здравство Венко Филипче со се’ порадикални мерки и активности во превенција од ширење на вирусот. По воспитно-образовните институции и забраната за јавни собири, министерот го лимитираше и работното време на кафулињата, кафеаните, меаните, угостителските локали, клубовите, дискотеките… само до 18.00 часот.
Меѓу реакциите на сите „обични смртници“ и оние, „необичните“, или поточно, познатите и популарни личности од различни сфери, па и од естрадата со коментари и (пре)пораки до народот и мерките на Владата. Еден од првите кои се најгласни, Панчо – ДНК.
Имено, популарниот ДЈ Шорти се огласи со свој коментар на социјалните мрежи. На Панчо мерката на министерот за здравство за затворање на локалите и угостителските објекти од типот: „фифти-фифти“ не му се допаѓа. Особено не, познавајќи го менталитетот на нашиот народ, а Панчо добро го познава, зошто „цел живот“ лебот си го заработува во истите тие локали забавувајќи го истиот тој народ.
И ако тргнете по она што Дј Шорти го тврди, неговата реакција има логика. Од 08 до 18 часот локалите отворени, а потоа фајронт? Излегува како „Ковид 19“ преку ден да спие, па се буди попладне и почнува да делува после 18 часот? А народот она што му е забрането му е најслатко, или поточно, она што не може навечер, го надополнува преку ден, па како што видовме уште веднаш „дневната шема – цвета“! Локалите преку ден полни како око, па излегува дека „попуста ти била Венко забрана, кога не е целосна“!
Затоа Панчо на министерот Филипче и неговата експертска свита им предлага тотално затворање на угостителските локали со модус за целосно обесштетување на сопствениците, зашто „џабе паника“, кога ова нема логика! Или што би рекол Панчо-ДНК, описно: „Вака, мене ми испаѓа слично на она: не го ставај цел, само до пола“!