Мегафон

Овие 30 македонски изведувачи се во трка за првите регионални музички награди на МАС 2019

Овие 30 македонски изведувачи се во трка за првите регионални музички награди на МАС 2019

Започна вториот круг на гласање онлајн и преку СМС

И официјално започна вториот круг на гласање за првите регионални музички награди што ќе бидат доделени на 29 јануари во арената „Штарк“ во Белград, на манифестацијата наречена „Мјузик авордс серемони“ или МАС. Во прелиминарниот список со номинации се најдоа 30 македонски изведувачи, но тој број сега е доста помал бидејќи во секоја категорија останаа само по шест номинирани, односно по шест уметници/дела кои добиле најмногу гласови во текот на првиот круг.

Имено, македонската публика сега ќе може да го даде својот глас само за шест домашни песни и изведувачи, меѓу кои Ај кју“, Сара Мејс, „Фанк шуи“, Каролина Гочева, „Некст тајм“ и Лина Пејовска. Минатогодишните евровизиски претставници успеаја да влезат во потесниот круг во категоријата најдобра поп-песна од бенд со темата„Мојот крал“, а Сара Мејс со своето „Небо“ се натпреварува за титулата најдобра алтернативна електро-поп нумера. Фуриозната тројка „Фанк шуи“, пак, со својата „Виулица“ е во трка за наградата за најдобра рок-песна, а потенцијални добитници на признанието за најдобра етно-песна се Каролина Гочева за „Ти не дојде“ и „Некст тајм“ за ремек-делото „Слушам кај шумат шумите“. Од вкупно шесте македонски изведувачи што беа номинирани за најдобар нов изведувач, најмногу гласови успеа да добие некогашната Пинкова ѕвездичка Лина Пејовска.

Иако првично беше номинирано во 3, односно во 4 категории, ар-ен-би дуото ДНК не успеа да обезбеди ниту една официјална номинација, а во финалниот список го нема ни Лозано, кој беше номиниран за хитовите „Камо тебе да те имам“ и „Километри“.

Правила за гласање преку СМС

Како што споменавме, освен бесплатното гласање на официјалната веб-страна на МАС, каде што секој регистриран посетител има право на 20 гласа по категорија, отворени се и линиите за гласање преку СМС, а како што најавија организаторите, сите собрани средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Имено, секој може да испрати неограничен број СМС пораки на бројот кој важи за сите мрежи во државата во која се наоѓа. За Македонија тој број е 149 330, а цената на една порака е 35,4 денари. Во пораката задолжително се пишува МАС, потоа се остава празно место, а потоа се впишува редниот број на номинацијата за која се гласа.

И бесплатното гласање онлајн и преку СМС ќе трае до 28 јануари на полноќ.

ОНЛАЈН ГЛАСАЊЕ ОВДЕ

*На корисникот ќе му биде наплатено и доколку испрати погрешна содржина на пораката, и ако испрати порака по пред почетокот или по крајот на утврдениот период за гласање.

Извор:РадиоМК

To top