За неколку месеци во Израел ќе се одржи светското музичко случување „Евровизија“.Македонската радио телевизија ја одбра Тамара Тодевска да ја претставува Македонија на ова музичко натпреварувње.
Песната со која ќе не претставува пејачката ќе биде избрана и претставена во следниот период.
Тамара со радосните вести се пофали на социјалните мрежи.
„Драги мои, со големо задоволство, официјално можам да соопштам дека сум претставник на Евросонг оваа година во Израел. Нека ни е со среќа..“ напиша Тамара на „Фесјбук“.
За „Женски магазин“ таа откри дека е многу радосна и возбудена за овој предизвик.
„ Се надевам дека ќе го задржам имиџот кој го изградив на домашните фестивали, секогаш втора. Ако од „Макфест“ и од „Скопскиот фестивал“ сум си одела со освоени втори места, со песни кои станале големи хитови, сигурно дека од мене се очекува и на „Евровизија“ да бидам втора, хахаха. Но, кој знае, можеби ќе ја изненадам публиката и ќе победам. Овој пат, место втора, можеби ќе бидам прва“, ни изјави Тамара низ насмевка.
За потсетување, ова не е првпат како Тамара ќе настапува на „Евровизија“.
Имено, во 2008 година, Тамара заедно со Врчак и Адријан Гаџа ја претставуваа Македонија на „Евросонг“ во Белград со песната „Во името на љубовта“.
Во 2004 година беше придружен вокал на Тоше Проески во Истанбул.
Во 2014 година ги отпеја придружните вокали на Тијана Дапчевиќ во Данска.
Каква песна ќе добие Тамара за „Евровизија 2019“ година и кое место ќе го освои останува да видиме.