Со едни од најпознатите макфестовски рефрени во изведба на учениците од музичкото училиште „Сергеј Михајлов“ од Штип вчера беше отворена првата полуфинална вечер на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2018“. Публиката во Домот на културата „Ацо Шопов“во Штип и онаа пред малите екрани имаше можност премиерно да слушне 16 од вкупно 32-те композиции што се натпреваруваат годинава, а само десет од нив успеаја да си обезбедат пласман за саботното финале.
Како што беше претходно најавено, годинава има измени во гласањето, односно за судбината на финалистите одлучуваат две жирија – едно стручно и едно медиумско, како и публиката од салата, а телефонското гласање е укинато. Непосредно по завршувањето на првата полуфинална вечер, официјалните резултати беа објавени на веб-страната на фестивалот, па првите десет финалисти што уште еднаш ќе ги видиме в сабота се следните:
- Мина Блажев – Во други души
- Пепа – Доцна е
- Симона Попоска – Остани
- Ѓоко Танески – Јас немам ниту сон
- „Тајфата“ и Димитар Андоновски – Стари добри времиња
- Лина Пејовска – Нема
- Џокси – Љубовта е
- Игор Узунов – Знаев сè
- Наташа Малинкова – Милион причини
- Сара Гигова – Љубовна бура
Иако дел од нив добија навистина голем аплауз од публиката, без пласман за финале останаа: Мартинијан Кириловски со „Таму некаде“, Лена со „Караван“, Филип Пешевски со „Кукло моја несудена“, Горан Наумовски и Горан Папаз со „Не ме следи“ и дебитантот Христијан Проданов со „Невреме“.
Вечерва со почеток од 20.30 часот нè очекуваат уште 16 нови макфестовски рефрени, а десет од нив ќе ја комплетираат сликата за утрешното финале, кога ќе го дознаеме победникот или победничката на 33. издание на популарниот фестивал.
Доколку го пропуштивте вчерашниот пренос во живо, првата полуфинална вечер на „Макфест 2018“ можете да ја погледете во продолжение.