Мегафон

Ова се финалистите на годинешниов „Макфест 2018“

Ова се финалистите на годинешниов „Макфест 2018“

Уште десет од шеснаесетте композиции што се натпреваруваа во вчерашната втора полуфинална вечер на „Макфест 2018“ си обезбедија пласман за финалето на 33. издание на популарниот фестивал, кое ќе се одржи вечерва во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Вкупно 20 нови рефрени ќе се натпреваруваат за вредните награди во износ од 5, 4 и 3 илјади евра за првите три места, како и за четирите стручни награди во вредност од по 500 евра.

По евровизиски принцип на гласање, за судбината на натпреварувачките теми одлучуваа две стручни жирија и гласовите на публиката што беше присутна во салата, па така во оваа втора полуфинална вечер победи баладата „Никогаш не вели никогаш“ во изведба на талентираната Антонија Гиговска, а потпишана од братско-сестринскиот тандем Лазар и Магдалена Цветкоски.

Како второрангиран оваа вечер заврши хитмејкерот Роберт Билбилов, кој на макфестовската, но и на музичката сцена како изведувач се врати во неколкугодишна пауза. Тој се натпреваруваше со темата „Чудни места“, за која самиот си ги потпиша музиката и аранжманот, а текстот е на Робин Зимбаков. По долгогодишна пауза повторно ја видовме и изведувачката на треторангираната балада „Време“ Дани Димитровска, која и овој пат настапи со дело на своите долгогодишни соработници Весна Малинова и Кирил Бабамов.

За вечерашното финале се пласираа и „Би те одбрал само тебе“ од Александар Тарабунов, „Разбуди ме“ од Огнен Здравковски, „Изгреј сонце“ од триото „Џентлмен“, „Не си ти крив“ од Барбара, „Тој сон нека потрае“ од штипјанецот Давид Миладинов, „Ме научи да бидам своја“ од Анастасија и „Песно моја“ од Весна Спасова.

Како и на првото полуфинале така и вчера шест композиции не успеаја да обезбедат доволна поддршка од жиријата и публиката, па натпреварот заврши за Марјан Стојаноски со неговата „Љубов искрена“, Ивона Јовановиќ со „Убав е овој свет“, Наталија Славева со „Штом љубовта исчезне“, дебитантот Симеон Коруноски со „На светов си сè“, Мартина Митревска со „Мое мило“ и Анета Ристова Василева со „Како зрно песок“.

Дваесетте финални композиции уште еднаш ќе ги слушнеме вечерва со почеток од 20.30 минути, преку директниот пренос на првата програма на МРТ, а во улога на водителка на манифестацијата повторно ќе ја видиме Марјана Станојковска. Во ревијалниот дел од вечерта, за време на гласањето свое шоу ќе има еден од најпопуларните македонски пејачи и автори – Дарио Панковски.

Извор: РадиоМК

To top