Мегафон

Ова е програмата на „Скопје џез фестивал 2018“

Ова е програмата на „Скопје џез фестивал 2018“

„Триесет и седмото издание на Скопскиот џез-фестивал, што ќе се одржи од 18 до 21 октомври во Македонската опера и балет и Младинскиот културен центар, програмски ќе биде ориентирано кон современиот џез, импровизираната и креативна музика“, најави директорот на фестивалот Оливер Белопета на денешната прес-конференција. Како што истакна тој, токму годинешната листа настапувачи на фестивалот ја оправдува оваа програмска ориентација.

Фестивалот, на 18 октомври ќе го отвори пијано џез-рециталот на британски џез-пијанист Александер Хокинс (МОБ, во 20 часот), а ќе следува настапот на Дејвид Мареј квартет со Сол Вилијамс (22 часот). Во денсинг-салата на МКЦ истата вечер, но на полноќ, ќе настапи иновативниот гитарски херој Арто Линдзи, на кој ќе му се придружи норвешкиот тапанар Паал Нилсен-Лав.

За втората фестивалска вечер (19 октомври) се најавени трубачот Вадада Лео Смит (МОБ, 20 часот), кој ќе има премиерна изведба на неговиот албум „Reflections and Meditations on Monk“, а ќе следува ексклузивен европски настап на култната њујоршка тројка „Хариет Табман“ (МОБ, 22 часот), предводена од еден од водечките светски џез-гитаристи, Брандон Рос. За на полноќ во МКЦ е најавен, пак, специјалениот гостин Трстон Мур, некогашниот фронтмен на „Соник јут“.

Третата вечер на Скопскиот џез-фестивал (20 октомври, во МОБ) се концертите на данската саксофонистка Мете Расмусен, потоа женскиот вокален состав „Трондхајм војсис“ со својот впечатлив аудиовизуелен перформанс, како и специјалното трио на португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва со саксофонистот, кларинетист и композитор Аб Баарс и џез-перкусионистот Хамид Дрејк. Истава вечер во МКЦ, во 24 часот со концерт ќе настапи динамично џез-трио од Финска – „Моро“.

Последната фестивалска вечер (21 октомври во МОБ) ќе ја одбележи Тони Китановски со концерт за 30 години музичка кариера. Тој ќе настапи прво со својот најнов бенд, квинтетот „Панда 5“, промовирајќи го во живо новиот албум „Big City Scare“, а во вториот дел ќе му се придружат неколку негови музички пријатели и соработници од меѓународната и домашната сцена.

Во придружна програма на фестивалот се и доделувањето на наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2018, како и отворање на изложбата „Духовите на Африка – ритуална западноафриканска уметност“ во Музејот на Македонија.

To top