Кралицата Елизабета Втора, принцот Чарлс и принцот Вилијам побарале да се најде решение за ситуацијата која настана после објавувањето на Меган и Хари дека се повлекуваат од „високите“ кралски должности.
Кралското семејство наводно е повредено поради оваа одлука.
Извори од палатата за BBC рекле дека принцот Хари и Меган Маркл не се консултирале со никого пред да го објават соопштението.
Во тоа соопштение, објавено во средата, Хари и Меган наведоа дека се повлекуваат од „високите“ кралски должности и дека ќе станат финансиски независни.

Планираат и понатаму времето да го поминуваат на релација Велика Британија – Северна Америка, но дека ќе продолжат да ја почитуваат должноста кон кралицата.
Дописник на BBC за кралското семејство, Николас Вичел, рекол дека кралицата е во контакт со принцот од Велс (Чарлс) и војводата од Кембриџ (Вилијам). Тие сите побарале помош од соработниците за да се изнајде решение за ова прашање.
Кратко потоа е потврдено дека Меган отишла во Канада.
BBC наведува дека Бекингамската палата не знаела ништо за ова соопштение. Имало разговори за нивната иднина, но тие биле во рана фаза.

„Ја разбираме нивната желба за поинаков пристап, но ова се комплицирани прашања за чие решение е потребно време“, соопштила Бекингамската палата.
И покрај одлуката, Хари останува 6-ти во линијата за наследство на британскиот престол.