Мегафон фестивали

Отворено „Охридско лето 2021“ со грандиозниот гала балетски концерт „Големиот Чајковски“

Отворено „Охридско лето 2021“ со грандиозниот гала балетски концерт „Големиот Чајковски“

Грандиозен гала балетски концерт „Големиот Чајковски”  приредија   вчеравечер  уметниците од Националната опера и балет на Република Северна Македонија, на отворањето на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето”.

На сцената на Античкиот театар, балетските првенци, Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичиашвили и Бобан Ковачевски, како и солистите, ансамблот и оркестарот  на Националната опера и балет приредија  импресивен омаж за еден од најзначајните композитори од светската музичка ризница Петар Илич Чајковски. Тие ја изведоа балетската трилогија „Лебедово езеро”, „Оревокршачка” и „Заспаната убавица” , како и извадоци од балетот „Ана Каренина” и операта „Евгениј Онегин”, за што беа наградени од публиката со бурни и долготрајни овации.

По интонирањето на фестивалската химна и палењето на фестивалскиот оган, „Охридско лето” за отворено го прогласи покровителот, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека парадоксот на убавината, која е олицетворена во уметноста и во културата, е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето.

Покровителот на фестивалот, Пендаровски, нагласи дека „Охридско лето” како институција веќе 61 година дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет.

-„Токму уметниците се вистинските чувари на убавината, и со тоа, и сведоци дека надежта за човештвото опстојува. Годинава, кога прославуваме 30 години од независноста на Република Северна Македонија, го започнуваме нашиот најпрестижен меѓународен фестивал „Охридско лето” со 90 македонски уметници чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња“, рече Претседателот Пендаровски, прогласувајќи го фестивалот за отворен.

Обраќајќи се пред публиката, Министерката за култура на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска, од сцената на Античкиот театар рече дека „Охридско лето”  е престижен настан кој веќе ја надмина фестивалската улога и стана македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост.

-„Пандемијата која што го занеме светот, не го занеме нашето „Охридско лето”. Поставено на здрави темели, градено со љубов и негувано со почит-тоа не само што трае туку и ни го дава најдоброто од себе. Тоа е уметноста-лечителка на душата“, рече Министерката Стефоска.

Според Министерката, ниту Охрид може без „Охридско лето”, ниту „Охридско лето” може  без Охрид зашто како што образложи, магијата е заемна исто како што е магичен и целиот регион.

Пораката на „Охридско лето” во името на сите уметници , годинава ја пренесе познатата балерина и кореографка Олга Панго  која нагласи дека уметноста е човековиот постојан стремеж да креира за себе поинаков ред на реалност од оној кој му е даден.

– „Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста која секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Ние ја дишеме и живееме музиката, го дишеме и живееме танцот. Нашата порака ќе ви ја пренесеме онака како што најдобро знаеме – од сцената, која последнава година и половина премногу ни недостасува. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници ќе го отвориме фестивалот „Охридско лето”. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во име на уметноста“, рече Панго.

Годинешното 61-во издание кое вчеравечер беше најавено и со богат огномет над охридското небо, на Античкиот театар, во црквата „Света Софија” и во нејзиното предворје, на сцената „Долни Сарај” и во Центарот за култура „Григор Прличев” ќе донесе 40 фестивалски вечери исполнети со квалитетна програма и врвни уметници.

To top