Меѓународниот саем на уметност„Ин Ситу“ – досега познат како „Паратисима“ Скопје, за својот прв јубилеј на своето петто издание оваа година се ре-брендира, постанувајќи единствен независен саем на уметност од овој вид и размер во Македонија.
Петтото издание на саемот, кој досега претстави повеќе од 450 независни автори учесници кои потекнуваат од 39 земји ќе се одржи од 13 – 15 септември во Младинскиот културен центар, Скопје.
Повикот за учество во поставката за визуелни уметности, оваа година курирана од Ана Франговска,ќе биде отворен до 15 јули додека за учество во изложбената поставка за дизајн, под кураторство на Драган Христов – Лудус, може да се аплицира до 20 јули.
Саемската програма посветена на архитектурата ќе ја курираат Слободан Велески и Марија Мано Велевска правејќи внимателна селекција на странски предавачи кои во соработка со локалниот сектор ќе имаат можност да започнат значајна размена и соработки.
„Ин Ситу воспоставува комуникација помеѓу „локалното“ и „меѓународното“ по повеќе основи; пред сѐ во контекст на исклучителните и сериозни соработки вклучени во процесот на презентирање на поставките и програмата, потоа преку квалитетот на условите за изложување на независната сцена, а воедно и во однос на разновидната програма која не само што создава нова, многубројна публика и ја одржува љубопитноста, туку ја пласира македонската сцена како рамноправна со меѓународната. Во улога на културен катализатор, Ин Ситу го премостува и нашиот локален јаз, обединувајќи ги различностите во изразувањето, потеклото, познанствата, возраста, академската поткрепа и сите други „формалности“ кои досега беа (зло)употребувани како изговор за професионална видливост и творечка препознатливост.“ – изјавува Бојана Стојменовска, организатор на саемот за уметност „Ин Ситу“.