На денешен ден, 13 јуни 1943 година на Лопушник, кичевско, загинал Кочо Рацин еден од основоположниците на македонската современа книжевност.
Koчо Рацин или Коста Солев (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) е македонски книжевник и социјалистички деец. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза.
Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ. Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.
Творештвото на Кочо Рацин опфаќа неколку области: поезија, проза, историски списи, филозофски списи, литературна критика и есеи. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата, особено со својата стихозбирка „Бели мугри“, објавена во Загреб, во 1939 година.
Стихозбирката е испечатена во 4.000 примероци и се растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија, постигнувајќи голем успех. Треба да се споменат и двете стихозбирки „Македонски народноослободителни песни“ чиј уредник е Рацин. Првата излегува од печат на денот на неговата смрт, 13 јуни 1943 година, додека втората е објавена набрзо потоа.
Секоја година, во недела, околу датумот на неговото загинување, 13 јуни, на планината Лопушник, се одржува планинарски марш во негова чест.
Фото: Принтскрин/Библиотека Гоце Дечев