Тимот на OFFest со особено внимание ја следи новонастанатата несакана ситуација со корона вирусот, делејќи ја загриженоста на светската јавност за натамошниот развој на состојбите и сите предизвици со кои се соочуваме во нашите животи. Програмата на фестивалот, којашто заедно со вас ја оценивме како една од највозбудливите досега, ја обелоденивме пред појавата на пандемијата на нашето тло. Истовремено, ја подготвуваме и програмата на октомврискиот џез фестивал. Со солидна доза на умерен оптимизам се надеваме дека 19-то издание на OFFest ќе го реализираме во предвидениот период. Но, сакаме да ве информираме дека, доколку тоа биде невозможно, имаме во план алтернативни термини во вториот дел од годината.
Во сегашната самоизолација можете да се освежите и да ја сочувате својата ментална и духовна кондиција со многу нешта. Разнобојноста на нашата веб-страница (www.offest.com.mk) ви нуди богати содржини: фотографии, биографии, видео-спотови, линкови и, се разбира, прекрасна музика. Танцувајте дома! Светот е убав.
Oд исклучително значење во овие тешки времиња е да го сочуваме здравјето. Оптимизмот. Љубовта. Да мислиме на иднината. Само со максимална дисциплина и почитување на сите строги мерки и препораки ќе им се вратиме на убавините, овојпат посилни.