Австралија е најдалечниот континент за нас, гледано одовде. Најјужниот… Затоa и ја викаат „land down under“. И одовде изгледа како таму да е се првртено наопаку… како да стои на глава! Нов Зеланд е уште подолу, појужно. Ама иако е така, таму луѓето сепак не одат на глава, иако Божиќ и Нова Година им се „испревртени“ , па им паѓаат среде лето. Ама тоа не значи дека таму не доаѓа Дедо Мраз да дели подароци и не китат елка…
Таму, во тој дел од светот живеат и многу Македонци… најмногу, од оние што не се дома, велат. Меѓу мноштвото непознати, и некои познати… Како некогашната македонска ТВ водителка Хелена Роза, сестрата на поп пејачката Ребека на пример, која таму живее со својот сопруг, ќерката Кјара и синчето Тиан.
Иако е дури 22.000 км оддалечена од дома, Хелена направи се’ и најде начин како да ги изненади со подароци своите внуци, трите синчиња на Ребека: Маркијан, Доротеј и Макариј, кои беа пресреќни поради тоа, а сестра и Беки (како што ја викаат Ребека), благодарна до плафон.
А кога сме веќе кај плафонот… Дали знаете дека најубав и најукрасен плафон на светот има токму Хелена?
Имено, сите новогодишната елка ја ставаат онака како што треба да стои, само таа нејзината ја става… наопаку!!? Превертена и накитена, нејзината елка виси од плафонот со врвот надолу – кон подот! Вистински уникат! Како да е голем лустер , а не новогодишна елка… Ама, има и зошто!
Кога имате мало дете, кое е толку активно и љубопитно, па се’ што ќе види сака да го дофати, допре и растури, единственото решение е – ова! Ем ефикасно, ем свечено! Ем родителите мирни, ем домот украсен!
Е, сега, колку е практично за китење и оставање подароци под елката? Прашајте го Дедо Мраз! Ама тој и онака во домовите влегува низ оџак, нели?