Мегафон

Објавени изведувачите на „Макфест 2019“

Објавени изведувачите на „Макфест 2019“

Во тек се подготовките за претстојното 34. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, кој годинава ќе се одржи на 10, 11 и 12 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. На денешната прес-конференција беа откриени и имињата на изведувачите што ќе се натпреваруваат годинава, меѓу кои има и голем број победници и дебитанти од претходните изданија на фестивалот.

„Годинава фестивалот се совпаѓа со празникот 11 октомври, што ќе биде дополнителен придонес во одбележувањето на денот на македонската револуција. Иако е лето, време на одмори, подготовките си течат, со цел во октомври да имаме уште еден успешен фестивал“,кажа Драган Ристов од прес-центарот на „Макфест“, а уметничкиот директор Владимир Дојчиновски-Дојчин откри дека познати се сите изведувачи и дека во тек е финализирањето на композициите.

Годинава ни се враќаат дел од ланските дебитанти, но и дел од победничките имиња, како што се Мина Блажев и Наташа Малинкова, но среќен сум затоа што на фестивалот се враќаат и поранешни победници и реномирани имиња од македонската естрада. Годинава на фестивалот ќе ја имаме и Биба Додева, Росана Сариќ-Тодоровска, Елена Петреска, се враќа и Александар Ристовски-Принц, имаме интересно дуо составено од Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац. На фестивалот ќе настапи и Лена и Бојан Маротови, пинковите ѕвезди Мартија Станојковиќ, Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски и Трајче Георгиев, потоа Игор Узунов, Барбара, Виктор Апостоловски, како и тројца штипски изведувачи. Од авторските тимови, можам да кажам дека се застапени речиси сите, што ќе му даде посебен квалитет на фестивалот“, кажа Дојчиновски.

Во тек се и техничките подготовки за фестивалот. Постојат неколку идејни решенија за изгледот на сцената, а во тек се и останатите активности околу распишување тендерски постапки за организирање на фестивалот.

„Наградите се 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ, и 1000 евра за трето место, додека техничките награди се по 500 евра поединечно, за најдобар аранжман ‘Драган Ѓаконовски – Шпато’, најдобар дебитант, вокална интерпретација и сценски настап“, напомена Кирил Панајотов, технички директор на „Макфест 2019“.

Фестивалот финансиски го реализира Општина Штип, а истиот е поддржан од Министертсвото за култура со еден милион денари. За преносот и годинава е задолжена МРТВ, а фестивалот ќе се одржи во НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип.

Извор и фотографии: Макфест 

To top