Владата на Македонија објавува повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани во рамки на петтиот пакет економски мерки за закрепнување на македонската економија и за излез од КОВИД-19 економската криза. Повикот има цел да обезбеди финансиска поддршка за економска дејност и заживување на економските активности на оваа гранка, преку обезбедување буџет за организација на јавни настани, преку ангажирање домашни артисти, изведувачи и подизведувачи.
Тематска област на која ќе се реализираат настаните е 30 години независност на Македонија со одбележување и промоција на различните белези на државноста и на општеството и тоа: Најважните историски случувања поврзани со државноста, независноста и развојот на нашата држава (Илинден, НОБ, АСНОМ, Референдум за независност, Охридски рамковен договор, Договор од Преспа и Членство во НАТО); Македонската култура и традиција претставени преку идентитетските специфики на македонскиот народ и преку промоција на македонскиот јазик; Културата и традицијата на албанскиот народ во Македонија и промоција на албанскиот јазик; Културата и традицијата на Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите други заедници кои живеат во Македонија и јазиците кои се зборуваат во Северна Македонија; Европските и евроатлантските стратешки определби на државата; Мултикултурниот карактер на општеството, мозаикот на различности и интеркултурниот дијалог; Културно-историски локалитети и други аспекти од културното наследство на Македонија; Дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на творештвото, културата, уметноста, литературата, музиката, образованието, науката, спортот и други истакнати личности кои имаат директен придонес во развојот на државноста или придонеле во создавањето или зачувувањето на културното наследство. Вид на правни субјекти кои можат да аплицираат на повикот се: оператори од индустријата за организација на настани, продукциски куќи, агенции кои организираат настани и др.
Вкупниот буџет изнесува 61.500.000,00 денари (со вклучен ДДВ). Од определениот буџет, согласно предвидените трошоци за реализација на предложените настани, ќе се поддржат три типови проекти/настани. Рокот за поднесување на пријавите е најдоцна до 06 мај 2021 година, 16:00 часот.